Без резултат и денешната средба на историчарите на Македонија и Бугарија

Македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања вчера и денес одржа онлајн средба на која беа дискутирани неколку прашањ.Во текот на два дена членовите на Комисијата повторно дискутираа по забелешките за учебниците по историја. Остануваат разликите во пристапот и разбирањето на улогата на историјата и историското образование во современите општества и градењето на добри односи ослободени од политизирање на историјата.
Пристапот кој се заснова на позитивните европски искуства и препораките на Советот на Европа и УНЕСКО остануваат основа во работата на македонската страна во Комисијата и од тука произлегуваат главните недоразбирања со колегите од Софија, кои остануваат на исклучивиот пристап кој е туѓ на современото разбирање на историското образование, кое подразбира мултиперспективен и интердисциплинарен пристап.
По исцрпна дискусија вториот ден покажа дека двете страни се сè уште далеку од решение кое би довело до подобрување на образовниот процес и остварување на заедничката цел, градење добрососедски односи и пријателство во кое минатото и различните толкувања на историјата нема да бидат пречка.
Во текот на двата дена членовите на Комисијата работеа и на усогласување на содржината на записниците од минатите средби, а беше договорен датумот и за следната средба која ќе се одржи на 24 и 25 февруари следната година.