Бесими: Еврообврзницата покажа дека финансиските пазари веруваат во нашите политики


Над 130 инвеститори и 2,3 пати поголема побарувачка во однос на иницијалната понуда имало вчера за време на постапката на која што Северна Македонија ја издаде осмата по ред еврообврзница во износ од 700 милиони евра по рекордно ниска каматна стапка до сега од 1,625 отсто, соопшти денес на прес конференција министерот за финансии Фатмир Бесими. 

Бесими исто така рече дека цената на еврообврзницата е поповолна и од каматните стапки на некои од земјите во регионот кои претходно годинава се задолжиле на финансиските пазари.

„Ниската камата за еврообврницата и побарувачката покажува дека финасиските пазари веруваат во нашите политики“, рече задоволно Бесими, објаснувајќи дека иако еврообврзницата е 700 милиони евра, нето задолжувањето на земјата е 200 милиони евра, бидејќи 500 милиони евра ќе се искористат за враќање на долгот од 500 милиони евра за обврзницата издадена во 2014 година. Намената на другите средства ќе биде за справување со економската и здравствената криза, објасни Бесими.

Обврзницата од 2014 година беше со каматна стапка од 3,975 проценти, така што разликата во однос на вчерашната е 2,35 процентни поени, односно на овој начин државата за седум години ќе заштеди по основ на камати 82 милиони евра.

Бесими рече дека заедно со вчерашното задолжување, јавниот долг на земјата ќе се зголеми за 200 милиони евра.

„Кога се носеше Буџетот за 2021 година беше посочено дека покрај буџетскиот дефицит од 568 милиони евра кој се должи главно на ковид кризата, треба да се отплати и надворешен долг од 605,6 милиони евра во кој влегува и еврообврзницата која доспева од 500 милиони евра, како и 99,5 милиони евра отплата на домашен долг од претходно издадени хартии од вредност“, рече Бесими додавајќи дека за остатокот од средствата ќе се направи задолжување на домашниот пазар, како и ќе се добијат поволни кредити од развојни агенции, а на располагање се депозити оставени како резерви.
Проекциите на Министерството за финансии покажуваат дека државниот долг на крајот на оваа година ќе изнесува 53,2 отсто од БДП, а јавниот долг 63,4 проценти од БДП.

Со предвидените мерки за фискална консолидација на среден рок се очекува јавниот долг да се консолидира според мастришките критериуми и во 2025 година тој да изнесува 58,8 проценти од БДП, а државниот долг да се сведе на педесетина проценти од БДП.

Споредувајќи ја каматата на еврообврзницата со стапките на еврообврзници кои биле издадени изминатиот период, Бесими посочи дека минатата недела Хрватска издаде две еврообврзници од по милијарда евра – едната со камата од 1,75 отсто додека другата од 1,125 отсто. Минатата недела и Србија излезе на финансискиот пазар со еврообврзница од милијарда евра и постигна камат од 1,65 отсто. Турција кон средината на јануари годинава издаде еврообврзници од по 1,75 милијарди евра со каматни стапки од 4,75 отсто и 5,875 отсто. Во декември лани Украина издаде еврообврзница од 600 милиони евра со камата од 7,253 отсто, а Црна Гора на почетокот на декември издаде еврообврзница од 750 милиони евра со каматна стапка од 7,253 отсто, објасни министерот зза финансии.

Бесими исто така додаде дека податоците за полнењето на Буџетот покажуваат дека економијата се стабилизира и дека претстои период на ревитализација.

Така, приходите во буџетот од почетокот на годинава заклучно февруари се на речиси исто ниво како и минатата година, односно пред почетокот на ковид-кризата.

„Наплатата на даноците изнесува 17,8 милијарди денари и е на исто ниво како лани, додека наплатата на придонесите е 10,4 милијарди денари и е за 1,7 отсто повисоко во однос на минатата година. Реализацијата на расходите е согласно планираната динамика, исто како и реализацијата на буџетскиот дефицит“, рече Бесими, додавајќи дека во февруари наплата на даноците била поголема за 3,5 отсто во однос на лани, кај данокот на добивка за 27,7 отсто во однос на истиот месец лани, а кај ДДВ за 9,7 отсто. Кај придонесите имало 4,3 отсто раст во однос на истиот месец лани.

Тој очекува годинава економскиот раст да изнесува 4,1 отсто. (M.J.)