Белорускиот опозиционер Бабарико осуден на 14 години затвор за корупција


Виктор Бабарико се подготвуваше да учествува на претседателските избори лани во август, но беше уапсен неколку недели пред гласањето (Фото: Ројтерс)

Белорускиот опозициски лидер Виктор Бабарико, кој имаше намера да учествува на претседателските избори во август 2020 година против Александар Лукашенко, но беше уапсен неколку недели порано, беше осуден на 14 години затвор за корупција.

„Виктор Бабарико беше осуден на 14 години затвор, а казната ќе ја издржува во казнено-поправна установа со зголемена безбедност“, соопштија приврзаниците на опозицијата на Твитер.

Бабарико е осуден за примање мито и перење пари, објави белоруската невладина организација „Вјасна“, повикувајќи се на пресудата на Врховниот суд.

Бидејќи пресудата беше изречена од Врховниот суд, Бабарико нема право на жалба.

Бабарико (57) е поранешен банкар и се сметаше за најсериозен кандидат против Лукашенко на претседателските избори одржани на 9 август 2020 година.

Опозиционерот исто така беше осуден на парична казна од околу 45.000 евра и му е забрането да извршува раководни позиции.

Обвинителството тврди дека Бабарико сторил кривични дела додека бил на чело на Белгазпромбанк, белоруската филијала на банката што му припаѓа на рускиот гигант „Гаспром“.

Уште седуммина поранешни вработени во таа банка, кои ја признаа вината и сведочеа против Бабарико, беа осудени на три до шест години затвор.

Белорусија е погодена од политичка криза од претседателските избори, за која противниците на Лукашенко тврдат дека се украдени.