Белорусија носи мигранти со авиони од Ирак на границата со Литванија
Литванија во средата ја обвини Белорусија дека превезува со мигранти од странство за да ги испрати до Европската унија и рече дека ќе изгради бариера на границата и ќе распореди војници за да ги спречи илегалното преминување на нејзината територија.
Белорусија одлучи да им дозволи на мигрантите да преминат во членката на Европската унија, Литванија, како одговор на санкциите на ЕУ воведени откако Минск приземји лет на „Рајанер“ и уапси блогер дисидент на авионот.
Стотици ја преминаа границата во последните неколку дена.
Литванскиот премиер Ингрида Шимоните изјави дека Белорусија им нуди на мигрантите летови до Минск, повикувајќи се на докази пронајдени кај најмалку еден мигрант кој стигнал до Литванија.
„Постојат туристички агенции, директни летови кои го поврзуваат Минск со Багдад, на пример, и постојат агенции и во Белорусија и во други земји кои работат и привлекуваат ‘туристи’ во Минск“, изјави Шимоните за Ројтерс во Вилнус.
Таа рече дека главниот аеродром од каде луѓето летале во Белорусија е Багдад, но не исклучува луѓе да летаат и од Истанбул.
Документите наведени како докази, чии копии ги испрати претставник на литванската влада до Ројтерс, вклучуваат апликации од агенциите со седиште во Минск, датирани од 27 мај и 7 јуни, со барање од белоруското Министерство за надворешни работи визи за тројца ирачки државјани.
Белорускиот претседател Александар Лукашенко на 26 мај рече дека неговата земја повеќе нема да ги спречува мигрантите да ја преминуваат нејзината западна граница кон ЕУ.
Литванија работи на организирање посета на нејзиниот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис на Багдад следната недела за да разговара за миграцијата, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи.
Шимоните изјави дека Литванија ќе преземе акција за запирање на мигрантите што ја преминуваат границата со зголемување на патролите и градење на бариера и ќе започне со изградба на камп за сместување на оние кои веќе стигнале во земјата.
За само седум дена во јули 779 илегални мигранти ја преминале границата Белорусија-Литванија, во споредба со 636 мигранти во текот на првите шест месеци од годинава. Земјата примаше не повеќе од 104 мигранти годишно во текот на 2018-2020 година. (Ројтерс)