Барател на азил вели: За мене С. Македонија е Германија


Неговата приказна почнува пред десетина години, кога на возраст од 14 години, со штотуку завршено основно образование, бил принуден да ја напушти својата земја. Сега среќата ја гради тука

Билјана Богдановска

Знае десетина јазици, седум што се зборуваат во неговата земја и уште неколку што попатно ги научил, како и турски, англиски и германски. Македонски научил за само еден месец. Работи како судски преведувач. Помага за превод во судовите, како и во транзитните центри каде пристигнуваат бегалци од целиот свет.

Физички слаб, но со широка насмевка, успева за минута да го привлече вниманието на секого. Успева да се снајде во секоја ситуација. Тешкотиите ги раскажува со леснотија. Изгледа како тинејџер, а пред еден месец наполни 24 години.

Него го знаат судии, вработени во судовите, адвокати, претставништва на агенциите на ОН, невладини организации, а има бројни пријатели низ Северна Македонија.

Неговата приказна почнува пред десетина години, кога на возраст од 14 години, со штотуку завршено основно образование, бил принуден да ја напушти својата земја затоа што животот му бил загрозен. Роднина, висок полициски функционер од неговиот град, му помогнал да се префрли во соседната земја, каде останал еден месец, а потоа заминал во следната земја. Сето тоа нелегално, без документи, затоа што како што вели, и во неговата земја лична карта се добива со навршени 18 години.

– Работев сè – земјоделство, собирав шишиња и картони, продавав фармерки… Останав таму 3,5 години. Но, мојата цел беше Германија. Ние не знаеме за други земји, туку само за оние големите, важните, како Италија, Шпанија, Турција, Германија, Шведска. За Балканот? Никогаш не сме слушнале – вели Омар (вистинското име е познато на редакцијата).

И по години поминати во друга држава, не спласнува неговата желба да стигне до Германија, па патешествието продолжило. По шверцерски патишта заминал оттаму. Платил 800 долари.

– Криумчарот ми бараше 1.200 долари. Имав пари, но му реков, не може. Тоа е многу. Се договоривме за 800 – низ смеа додава тој.

Бидејќи бил дете и далеку од дома, се нашло начин родителите да му праќаат пари за да преживее, покрај сите други работи кои ги работел. Но, сметал дека веќе е голем, дека неговот семејство доста се жртвувало за него и дека тој сега треба да им праќа пари, да ги поддржи.

– Ние бевме богати. Имавме фабрика, куќа во која живеевме заедно со поширокото семејство. Пред да заминам, тоа се смени. Татко ми ја даде фабриката, се иселивме од куќата – вели Омар на чист македонски јазик.

Мајка му не ја видел 10 години

Дома има мајка, татко, сестра близначка и помал брат. Со нив секојдневно комуницира преку социјалните мрежи.

– Сепак, жал ми е. Оттогаш мајка ми не сум ја видел, само на камера се гледаме. Десет години поминаа – со насмевка, но тага во гласот појаснува тој.

Се надева дека во Северна Македонија ќе добие азил за да може да ги покани родителите да дојдат тука и да се видат.

– Или, кога ќе заврши коронава, да се сретеме во некоја друга држава, затоа што во мојата не можам да се вратам – вели Омар.

Уште две и пол години останал во трета земја. Работел на нива. Како аргат помали се шансите да те фатат, смета тој, а имаш пари да преживееш, имаш храна, покрив над глава. Во месеците кога не се работи во поле, повторно препродава различни работи на улица.

Со рани на нозете и жеден стигнува во С. Македонија

Во Северна Мекдонија пристигнал по дванаесет дена одење пешки, заедно со група другари.

– Се изгубивме во една шума. Шест дена се вртевме во круг. Конечно наидовме на една куќа. Добро средена, среде шумата. Најдовме пластични шишиња со вода и се изнапивме. Бевме жедни, а беше лето, јуни и беше жешко. Водата не беше вкусна. Отстојана, но беше единственото нешто по подолго време што можев да го испијам. Кога заминавме оттаму, наидовме на чешма во шумата. Е тоа беше свежа вода – вели нашиот соговорник.

Тоа што не пиел доволно течности или долго време пиел застојана вода, му направило проблеми со бубрезите. Поради оштетување на бубрезите дури три пати правел операција во С. Македонија.

Тој продолжи да раскажува дека ги нашол еден човек, кој ги качил во камион и ги однесол во град.

– Таму нè фати полиција и нè однесоа во камп. Во кампот останав 40 дена. Кога пристигнавме не знаев јазик, па некако моите сопатници му објаснија на полицаецот дека не можам да одам, дека нозете ми се со плускавци и рани од долгото одење, па тој ме крена на раце и ме однесе во собата да спијам. Луѓето викаат, ако имаш пари, ќе стигнеш секаде. Јас верувам дека сите врати Господ ми ги отвори – раскажува Омар.

Таму му било добро. Имало многу луѓе со кои разговарал секојдневно, а активистка на граѓанска организација го научила на основните зборови на македонски јазик. Сепак, кога решил да побара азил во С. Македонија, го префрлиле во Прифатниот центар за баратели за азил.

Потоа решил дефинитивно да научи македонски јазик. Се јавил на девојката која и претходо го подучувала, па за неполн месец научил македонски јазик. Кога следниот пат се вратил во транзитен центар за да преведува за некој мигрант, сите се зачудиле како Омар, кој не знаеше ни еден збор македонски, сега го зборува јазикот како роден Македонец.

Талентот за јазици далеку ќе го однесе

-На Денот на бегалците, 20 Јуни, имаше претстава во едно училиште. Сите кажуваа нешто, јас пеев. Пред публика ги испеав „Слушам кај шумат шумите“ и „Битола, мој роден крај“. Сум ги пеел и „Ја излези Ѓурѓо“ и „Не кажувај либе добра ноќ“. Во една прилика, ја викнав „Ти не плачи мајко, што сум далеку и сам“. Тие што ја знаат мојата судбина, плачеа и ми аплаудираа – раскажува Омар моменти од својот живот во Македонија.

Во меѓувреме, работи и во локална колонијална продавница, каде сопственикот го доживува како син. Соработува и со Црвениот крст, каде исто така, помага со преведување, а и тие му помагаат нему. Соработката трае повеќе години. Пргав е и комуникативен, па вели има многу пријатели Македонци.

Како што доаѓале сè повеќе мигранти од различни земји, покрај нивниот јазик, често, го знаеле англискиот. Затоа тој решил да научи англиски, а секако, посветил време и на учење германски јазик, затоа што целта му била да замине во Германија. 

-Во тој период многу ми беше тешко. Четири пати се обидов да избегам од Македонија. Сега не сакам да одам никаде на друго место – вели тој.

Се надева дека во Северна Македонија ќе добие право на азил за да може да ги покани родителите да дојдат тука и да се видат.

– Или, кога ќе заврши коронава, да се сретеме во некоја друга држава, затоа што во мојата не можам да се вратам – вели Омар.

 

Тој двапати поднел барање за признавање право на азил и бил одбиен. Третиот пат му кажале да почека. Сега чека одговор на барањето. Постапката за добивање на азил во Северна Македонија е регулирана со Законот за меѓународна и привремена заштита, каде што е дефинирано дека надлежна институција за одлучување по поднесено барање за азил е Секторот за азил при Министерството за внатрешни работи. Барател на право на азил е странец кој бара меѓународна заштита од Република Македонија, кој искажал намера или поднел барање за признавање на право на азил, за кое не е донесена конечна одлука во постапката за признавање право на азил.Правото на азил се дава под услови и постапка предвидени со овој закон, на следниве категории лица: – лице со статус на бегалец (бегалец согласно со Женевската Конвенција) и – лице под супсидијарна заштита согласно со одредбите од овој закон.

Додека го чека одговорот од државата, Омар се иселил од Прифатниот центар за баратели на азил. Изнајмил куќа со две соби, бања и кујна и живее сам. Ако добие азил, планира да заврши факултет, да добие официјален печат за судски преведувач и да продолжи да работи.

Омар нѝ раскажа за уште една негова преокупација. Кога бил мал, татко му сакал да изучи за оџа, па наутро одел во џамија, а попладне во училиште.

– Кога дојдов во Македонија, отидов во една џамија и почнав да читам заедно со оџата. Овде го држат Коранот во рака и читаат од него за молитва, а јас знаев сè напамет. Се зачудија и ми дозволија, секој петок, јас да бидам оџа – вели Омар.

Има тетка во Германија, сестра на мајка му, која го вика да дојде таму, затоа што ја знае неговата желба од дете. – Јас ѝ реков, не доаѓам. За мене, сега Германија е во С. Македонија – се насмевнува тој.

Ако добие право на азил, планира да заврши факултет, да добие печат за судски преведувач и да продолжи да работи.

Омар нѝ раскажа и анегдота од неговите „судири“ со службите кај нас. Имено, му се јавиле од суд во внатрешноста да преведува. Отишол таму и потпишал документ за да можат да го исплатат за услугата. Но, тој што го пишувал документот наместо „превод“, напишал „превоз“.

– Ми дојдоа со полиција. Ми ставија лисици на рацете и покрај интервенциите на судиите и адвокатите кои ме познаваат и ме однесоа во суд да се оправдам. Реков јас сум преведувач, не сум криумчар. Да бев криумчар, во суд ли ќе ме најдевте? – прашува Омар. Но, таа една буква ја направила разликата. Од тогаш, не сакал да оди во истиот суд да преведува повторно, но за него гарантираат адвокати, а и желбата да помогне е поголема.

Сега се надева дека наскоро ќе добие позитивен одговор на барањето и би ги имал правата кои му следуваат со азилот, а Германија дефинитивно решил да ја замени со Северна Македонија.