Бајден во посета на Њујорк да ја види штетата од ураганот Ида


Американскиот претседател Џо Бајден денеска ќе гi посети Њујорк и Њу Џерси за да ја види шетата која ја предизвика ураганот Ида, кој на истокот на САД усмрти најмалку 57 лица, додека четири се исчезнати.

Бајден ќе ги посети квартовите Квинс во Њујорк и Менвил во Њу Џерси, сопшти Белата куќа. Тој одобри декларација за катастрофата во Луизијана, сојузна држава која Ида ја погоди на 29 август, со ветришта со брзина од 240 км/ч, како и за Њујорк и за Њу Џерси, каде поплавите и силните дождови однесоа десетици животи.

Со декларациите на Бајден државите се класифицираа за сојузна помош. Демократскиот претседател кој се соочува со неколку кризи, меѓу кои хаотичното повлекување од Авганистан и пораст на морталитетот поради корона вирусот, ја посети Луизијана во петокот, каде потврдени се 13 мртви.

Штетите се поголеми од 50 милиони долари

Њујорк потврди 17 смртни случаи од Ида, со тоа што четворица се водат за исчезнати во округот Вестчестер, а другите се во Њујорк. Во Њу Џерси има најмалку 27 мртви, додека четворица се исчезнати, потврди портпаролот на гувернерот. Една недела по Ида, и понатаму има домаќинства кои немаат струја, домовите им се поплавени, а се под нова закана од поплави.

Бури кои се во состојба да донесат 5 до 8 см вода во кус временски период го погодија Њу Орлеанс и делови од Луизијана и Мисисипи и се очекуваше да продолжат синоќа, рече Лара Пагано, метеоролог од Националната служба.

Ида е еден од најсилните урагани кој некогаш го погодиле Мексиканскиот Залив, донесе уништување и го остави Њу Орлеанс без струја. Вчера речиси 480.000 луѓе останаа без струја, а Крајбрежната стража испитува околу 350 пријави за излевање на нафта во Мексиканскиот Залив.

Гувернерката на Њујорк, Кејти Хочул, вели дека Ида предизвикала материјална штета поголема од 50 милиони долари. Рекордните врнежи од 7,8 см на час забележани се во средата во њујоршкиот Централ Парк.

Надојдените води поплавија канцеларии, системот за јавен превоз и 1.200
домови.

Друга голема бура, ураганот Лери, вчера го погоди 1.150 километарскиот источен брег. Се предвидува дека ќе остане над Атланскиот Океан покрај источниот брег до средината на неделата, но ќе слабее како што се прииближува викендот.