Бајден му вети на Зеленски „непоколеблива американска поддршка за Украина“


Американскиот претседател Џо Бајден синоќа разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски и најави нов пакет воена помош пред денешниот Ден на независноста на Украина, соопшти Белата куќа.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, кој разговараше и со неговиот украински колега Рустем Умеров, на социјалните мрежи објави дека пакетот вреди 125 милиони долари.

Во разговорот со Зеленски, Бајден ја потврди „непоколебливата“ поддршка на Вашингтон за Украина во војната со Русија. Пакетот за помош вклучува ракети за противвоздушна одбрана, опрема против беспилотни летала, противоклопни ракети и муниција, се наведува во соопштението на Белата куќа.

Повиците дојдоа во пресрет на Денот на независноста на Украина.

„На Украина ѝ е критична потреба од снабдување со оружје од најавените пакети, особено дополнителни системи за противвоздушна одбрана за сигурна заштита на градовите, заедниците и критичната инфраструктура“, рече Зеленски во изјавата објавена од неговата канцеларија.

По анексија на Крим од Украина во 2014 година, Русија започна сеопфатна инвазија на својот сосед во февруари 2022 година. Оттогаш САД обезбедија воена и хуманитарна помош за Украина, а исто така воведоа санкции кон Москва поради инвазијата.

Вашингтон обезбеди повеќе од 50 милијарди долари воена помош за Украина од 2022 година.