Азески : Имаме толку кризи, само комета не не удрила по глава


Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, во емисијата Топ тема на Телма порача дека бизнис заедницата е уморна од избори и од политички  калкулации.

-Ние се залагавме за кампања за локалните избори од десет дена, а таа траеше шест месеци, рече Азески.

Според него, по толку кризи, само комета не не удрила по глава.

Говорејќи за проблемот со струјата тој оцени дека Владата ќе мора да прогласи енергетска криза.

-Не може оваа работа да помине без прогласување на енергетска криза за државата  полесно носи решенија со кои ќе се справува со моментот кога ќе тргне зголемената потрошувачка со промена на временските услови и со резервите што ги имаме, оцени Азески.

Според него, Стопанската комора е во дослух со владата и разгледува неколку сценарија.

-Веројатно ќе дојде до здружување на компаниите и купување на енергија за 2022 година за цела година по фиксна цена, која ќе ја платиме авансно и на ваков начин ќе се обезбедиме за цела година. Има и можност за наше вклучување во активностите што ги презема државата за подигнување на степенот на производство на електрична енергија, а ќе има и солидарни потези кои ќе ги направиме како Западен Балкан, како Управен одбор на Коморскиот инвестиционен форум каде јас сум копретседател. И таму поверуваме иницијатива и бараме од Европската енергетска заедница и Европската комисија да помогнат, вели Азески.

Тој исто така рече дека според она што го знае во новиот буџет што го усвои деновиве Владата нема да има пари за нови вработувања, коментирајќи ги информациите за вработени во општини кои биле плаќани, а не доаѓале на работа. Сега, со ваква администрација, оцени тој, кога ќе се донесе некоја одлука во Владата и се проследи до администрацијата, таа паѓа во „празнина од двеста метри“, односно не успева да се имплементира. Долгите редици со превозници и автомобили на нашата граница и во регионот тој пак ги нарече „срам“ кој  треба да се реши со иницијативата „Отворен Балкан“ и дека тоа бавно се случува и тој режим опстојува толку долго бидејќи така има простор за мито и корупција на границите.