Автокоманда: Плаќаат 30% повисоки сметки за 24-часовно парно, а радијаторите им се ладни
Плаќаат 30% поскапо за услуга што не ја добиваат. Жителите на населбата Автокоманда секојдневно протестираат пред пунктот на ЕСМ.
Додека постоеше БЕГ, тие имаа договори со друг снабдувач и добиваа парно 24-часа за време на грејната сезона за што и нивните сметки беа повисоки.
Откако пропадна БЕГ, тврдат дека без нивна согласност биле префрлени кај нова компанија – „ЕСМ Снабдување“. Оттогаш наваму сметките им се исти, но парно не добиваат навечер. Од почетокот на грејната сезона се принудени да се догреваат со други апарати зашто радијаторите се ладни.
-Не е проблем толку во прекинувањето, колку што е во неснабдувувањето. Освен тоа, ние сега немаме 24-часовно парно како претходно, а плаќаме 30% повисока сметка за разлика од целиот град. Тоа е причината број 1 зошто сме собрани. Бараме некој да интервенира, да не слушне, вели жителка на Автокоманда за ТВ „Сител“.
Градоначалникот на Гази Баба вели дека знае за проблемите, но вината ја гледа кај централната власт.
-Пуштив јас писмено барање, тогаш до Енергетика, сега до ЕСМ да направиме заеднички состанок со претставници од Урбаната заедница Автокоманда и со претставници од ЕСМ со цел да најдеме заедничко решение. Барањето на жителите да се вратат на претходниот снабдувач. За жал, оваа влада немаше слух изминатите години да го реализира изминатите години, сега доаѓаме до новата грејна сезона и жителите се оставени без парно греење, вели градоначалникот Боби Стефковски.
Средбата требаше да се одржи денеска, но од компанијата без конкретен одговор дали ќе го решат проблемот на жителите на Автокоманда. Оттаму велат дека фактурите се изработувале според законските прописи, но без образложение кои се тие прописи.
Независно од местото и населбата, во системот со кој управува ЕСМ (новоформираните компании и подружница Енергетика) во тек на грејната сезона, испораката на топлинска енергија се врши од 6-22 часот по строго утврдени правила и дијаграми. Според овие правила, на почетокот од грејната сезона во месеците октомври и првата половина на ноември кога надворешните временски услови се променливи, снабдувањето со топлинска енергија на потрошувачите зависи од надворешните температури и од атмосферските услови во различни периоди од денот, велат од ЕСМ.
Жителите на Автокоманда уште на почетокот на годинава протестираа поради проблеми со дистрибуцијата на парно. Проблемите не се решија за време на летото, па сега среде грејна сезона ќе се бара решение.