Автобусите стојат, решение нема, Арсовска не сака да разговара, вели директорот на „Макекспрес“

Никој не нѐ прима, автобусите се оставени на разни паркиралишта, ние почнавме правдата да ја бараме преку суд, вели Милорад Димитриевски


Според нашата евиденција ЈСП ни должи 495.000 евра, вели Милорад Димитревски

 

Ситуацијата со приватните автобуски превозници е блокирана, решение нема на повидок, вели директорот на здружението „Макекспрес“, Милорад Димитријевски, во разговор за „Независен“. Тој нема идеја кога би можел да дојде крај на оваа неизвесност. Според него, контролите што беа направени од УЈП покажале дека наодите кај нив биле во ред. Димитриевски вели дека имал шест барања за средба со градоначалничката Данела Арсовска, но таа и натаму не ги прима. Тој вината за сегашнава ситуација ја наоѓа уште во договорот што го потпишале уште во времето кога градоначалник беше Коце Трајановски и плаќањето кон нив беше префрлено на ЈСП. Од тогаш работите почнаа да се заплеткуваат за сега да се претворат во јазол. Димитриевски ги отфрла сите обвинувања дека биле криминалци и бара во име на превозниците да им се исплати долгот и со Градот да направат договор какви возила му треба на превозот во Скопје за да може да инвестираат.  

 

Приватните превозници во градскиот превоз во Скопје по раскинување на договорите не возат, а вчера беше организиран протест пред просториите за ЈСП за наплата на заостанатиот долг. Кои се вашите барања?

Беше организиран протест пред просториите на Јавното сообраќајно претпријатие од самите превозници што се во „Макекспрес“ и во „Слобода превоз“. Единствено барање е за исплата на средствата кои ни ги должи ЈСП. Според информациите кои ги имам јас, на „Слобода превоз“ им должат некаде околу 1.050.000 евра, без ноември, кога имаат возено 20 дена. Кај нас се 495.000 евра.

 

Градот Скопје имаше два повици за превозници на неколку линии, но никој од вашите возачи не се пријави на тој повик. Имавте ли состанок потоа и што беше одлучено?

Состанок меѓу превозниците и на едната и на другата фирма се одржа, но тогаш конкретно не се донесе никаков заклучок. Остана да се направат некои комбинации во „Слобода превоз“ и после тоа да се излезе со еден заеднички став. Генерално, превозниците од „Слобода превоз“ и од „Макекспрес“ сами се имаат договорено вчера да излезат пред ЈСП да си ги побараат парите што им ги должи Градот. Ние како претставници на фирмите не сакавме да учествуваме во организација на тие протести, од причини што цело време градоначалничката најавува дека раководствата од фирмите наводно ги краделе парите, правеле некои незаконити дејствија. Да не излезе дека се браниме ние, нека отидат превозниците сами, да ја дознаат вистината, дали тоа што го зборуваме ние или тоа што зборува градоначалничката.

 

Кој и како го врши плаќањето кон приватните превозници?

Парите доаѓаат кај нас во фирма. Вкупен износ. Ние имаме извештај од ЈСП и од Градот кое возило, кој превоз колку точно има извозено и според тој извештај  ги делиме парите на превозниците.

Ако се оди административно да се погледне договорот за исплата на средства, генерално Градот нема долг, ЈСП ни должи. Договорот е потпишан со Градот Скопје, има тендер, ние се јавуваме на тендер и ја добиваме работата. Сите работи, правата и обврските, се регулирани со договорот со Градот Скопје, а финансискиот дел, бидејќи Градот не може да извршува финансиски дејности, се префрла да се изврши преку ЈСП. А Градот е основач на ЈСП. Генерално, долгот кон нас го има ЈСП.

Не знам од каде толку револт и горчина кај градоначалничката спрема нас, се прашува Димитријевски

 

Со колку возила располага „Макекспрес“ и каде се тие сега?

„Макекспрес“ има 77 возила. Сега се паркирани, сите стојат. Стојат на повеќе локации, а најмногу на паркингот кај поранешна „Циглана“. Сега ги раштркавме, кој каде најде. Сега во момент јас имам две возила и месечно плаќам 4.000 денари за возилата. Ако не работиш, ако не заработуваш, почнуваш да бараш по ниви, некаде да стојат. Сите се снаоѓаат.

Не знам од каде толку револт и горчина кај градоначалничката спрема нас. Прво нѐ навредуваше дека имаме несоодветни автобуси. За сите тие автобуси пред тендерот во 2021 година, покрај општите документи, се бараше и потврда од станица за технички преглед дека возилата ги исполнуваат техничките услови и карактеристики. Сите ги имаат доставено тие документи. Па, нѐ обвинуваа дека немаат клими. Ние имаме автобуси со клими, но поголемиот дел немаат. Но, во одлуката за јавен градски превоз не стои дека треба да имаат клима-уред. Па, нѐ обвинуваа дека сме продавале карти. Ниту сме продавале карти, ниту сме можеле да продаваме карти. Како ќе продаваме карти кога никој не не задолжил? Ние не печатиме карти. Тие билети за едно возење, што според договорот треба да ги продаваме ние, што може да ги продаваме, треба да ги изготви ЈСП и да ни ги достави. ЈСП ниту изготвил, ниту ни доставил. Фискалните апарати што ги имаме во возилата се во сопственост на ЈСП. Договорот што го имаа со „Давид компјутери“ за одржување на апаратите им истече пред три години и нема кој да ги стави во функција тие апарати. А нѐ обвинуваат нас дека сме украле 10 милиони евра. Еден билет за едно возење е 50 денари. Значи за 10 милиони евра, тоа се 12 милиони превезени патници на црно, а никој да не види, никој да не се пожали. Тоа е срамота. Сме биле нередовни во превозот? Само на една линија ни се има случено неколку месеци да падне процентот под 80, предвидено со закон. Првпат тоа се случи тоа во мај кога процентот падна на 78,87, значи 1,13 проценти е под законски дозволеното.

 

Дали сте разговарале со градоначалничката за проблемите?

Од декември 2021 има шест писмени барања доставени до градоначалничката и до Градот, каде што барам средба да нѐ прими за да појасниме ситуацијата, не сме во состојба да го финансираме превозот, немаме пари. Кога почна пандемијата, во март 2020 година, превозот се намали за 30 отсто. Ако ние треба да извозиме 1.500 км месечно за да го покриеме превозот ние паднавме на 1.000 км по возило. Со тие линии кои возеа едвај успеавме некако да ги подмириме трошоците за гориво и за плата на возачите. Многу пати влегувавме во загуба, а тоа траеше од март 2020 година до септември 2021 година, значи 15-16 месеци. Фактички, превозниците се исцрпеа до максимум. Кога во септември 2021 година се врати нормалниот возен ред, настана економската криза, цените на горивото отидоа максимално горе и ние немавме можност да заработиме, напротив ги потрошивме сите ресурси. Молевме да нѐ прими градоначалничката да ѝ објасниме, за редовно да ни се исплаќаат тие аконтации, за да може да возиме регуларно. На шесте барања градоначалничката не одговори на ниту едно и не нѐ прими. Се јавував и телефонски во кабинетот, но ми велеа да пратам меил.

 

Како настана проблемот по продолжувањето на договорот?

Првиот договор беше со важност од 1.1. 2017 година до 31.12. 2021 година. Важеше пет години и беше потпишан со Коце Трајановски, а наредната година дојде Петре Шилегов. Тука се направи најголемата далавера. Првично беше предвидено целиот проект да го води Градот, сите превозници и приватните и ЈСП да добиваат пари од градот за изминат километар. Коце Трајановски викаше ќе биде така. Кога дојде да се реализира, рече – немаме можност како Град да прибираме средства и да вршиме исплати, затоа финансискиот дел ќе го префрлиме на ЈСП. Фактички остана да не му се води евиденција на ЈСП колку вози и колку треба да земе. Излезе дека ЈСП ни е газда нас. Тогаш имавме договор да ни дадат банкарска гаранција, со првиот договор. Во случај да не плаќаат. Тогаш ни дадоа банкарска гаранција. Тој договор истече, дојде новиот договор со градоначалничката, а тие смениле ЈСП треба да даде одреден вид гаранција, ама тие не дадоа никаква гаранција. Тоа беше направено со умисла, дека нема да се обврзат да плаќаат. Бидејќи пет години пред тоа возевме регуларно со мали проблеми, сметајќи на тоа, го продолживме договорот. Од реализација имавме помалку само на една линија „19“, реализацијата на другите линии – „22“, „20“, „52“, „54“, цело време од 2017 година наваму не падна под 96 отсто, одеше и до 99 отсто. Место да ни речат благодарам, ни велат дека сме криминалци.

 

Како може да се изнајде решение?

Возилата пропаѓаат, сега зборуваме за пари што треба да се дадат, целосната штета. Реално е дека ЈСП нема доволно ниту возила, ниту возачи да го задоволи возниот ред. Им недостигаат околу 40 отсто.

Ние бараме средба со градоначалничката, средба со премиерот. Да го кажеме проблемот што го имаме со плаќањето. Прво, градоначалничката да ја повлече одлуката за раскинување на договорот, затоа што е неправилно донесена. Не е наша вина, вината е кај нив. Тие не ни платиле, ние не сме имале можност да возиме. Да ни ги исплатат средствата за да можеме да ги реактивираме возилата и редовно да се исплаќаат аконтациите за да може нормално да работиме. Ова да трае до крајот на годината, додека е времетраењето на договорот што е потпишан. Во меѓувреме да седнеме со Градот, да видиме какви возила им требаат, што може и што не може да се направи. Да изнајдеме решение за набавка на возила со стандарди, со клими.

Фото: Б. Грданоски

На пример, градот да каже какви автобуси им требаат „волво“, „МАН“, „мерцедес“… Според нас, најмногу би одговарале „мерцедес“ и „МАН“. Тие најмногу се употребуваат, најлесни се за одржување, за набавка на делови. Тие „МАН“ возила се исти како овие што ги има ЈСП. Да кажат, да бидат ЕУРО 4, ЕУРО 5. Во повикот немаше никакви ограничувања или услови. Беше ист како што го потпишавме претходно. Да кажат да има клима, да има три врати, ама кој ми гарантира дека кога ќе се смени директорот на ЈСП, нема да каже „ова и ова не чини“? Друго е кога ќе се седне и ќе се направи план. Во ниедна фирма не се купуваат одеднаш. Ние имаме 12 возила на ЦНГ, тоа се ЕУРО 5 и ЕУРО 6 стандард. Имавме план за набавка на 15 возила, ЕУРО 6 ЦНГ, потполно исти како најновите на ЈСП. Фати кризата со Ковид-19. Моравме да ја откажеме таа набавка. И колегата што беше со мене соосновач, го фати ковид и почина човекот. Од тие причини се откажавме од набавката.

 

Премиерот најави дека ќе ве повика на средба, но тоа уште не се случи.

Премиерот чека извештај од УЈП. Тие беа тука, направија контрола, го потврдија износот на долгот, што го кажуваме ние. Потоа излезе уште една проверка да направат, дали сме плаќале ДДВ. И тоа стигна дека наодите се во ред, а треба да појдеме да ги земеме од Куманово. Сите наоди се во ред, а нѐ прават криминалци. Да се кријам јас од луѓе што ги знам, да ми е срам од нив.

 

Барате ли правда по судски пат?

Ние како „Макескпрес“ имавме едно барање за изрекување времена мерка да се стопира решението за поништување на договорот и да се вратиме на работа. Судот се прогласи за ненадлежен и нѐ упати на Апелација. Сега е поднесено службено барање до Апелација и тоа е во тек. Имаме поднесено и тужба за наплата на долгот. Сега е закажано рочиште за 25 април, а за „Слобода превоз“ на 9 февруари. Дали дотогаш ќе се реши нешто, не знам. Но, адвокатите велат дека тоа се долги постапки и имаат право три пати да го оспорат, барајќи друго вешетачење. Тоа може да се влече со години. Возачите се оставени без плата. Овде во канцеларијава имаше луѓе кои работеа по 30 години сега седат дома. За да излезам да возам поминувам 170-200 километри, а тоа се 85 литри гориво, односно секојдневно по 8.000 денари. Возач да платам, бруто ми требаат 42.000 денари. Од каде пари?