Австрија протера тројца руски дипломати за шпионажа со прислушување преку антените на амбасадата во Виена


 Австрија протера тројца руски дипломати осомничени за шпионажа преку прислушување од антените на руските дипломатски згради.

Австриското Министерство за надворешни денеска го потврди извештајот на австриската јавна телевизија РТВ ОРФ дека шпионажата е извршена со употреба на антени на покривите на Руската амбасада и дипломатскиот комплекс во виенската област Донауштад за прислушување.

Антените им овозможиле на Русите да пресретнуваат податоци пренесени преку сателитски интернет од меѓународни организации во Виена, објави ОРФ.

Австрија е седиште на неколку агенции на ОН, вклучувајќи ја Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), како и Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).

„Шпионажата е безбедносен проблем за Австрија. Во оваа влада, ние го променивме нашиот пристап и преземаме решителни мерки против неа“, изјави шефицата на дипломатијата, Беате Мајнл-Рајзингер.

„Ова недвосмислено ѝ го ставивме на знаење на руската страна, исто така во врска со низата антени во Амбасадата. Едно е јасно: неприфатливо е дипломатскиот имунитет да се користи за шпионажа“, рече таа.

Од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, западноевропските земји и Русија постојано меѓусебно си протеруваат  дипломати.

Австрија, како членка на Европската Унија со политика на воена неутралност, првично се двоумеше да преземе такви мерки, но неодамна ги протера руските дипломати.

Според ORF, рускиот амбасадор во април бил повикан во Министерството за надворешни работи поради нелегалните активности на дипломатите. Од Русија било побарано да се откаже од својот имунитет за да можат обвинителите да спроведат истрага, но Русите одбиле, што довело до нивно протерување, соопшти ORF, додавајќи дека дипломатите веќе ја напуштиле Австрија.

Руската амбасада во Виена не одговори на барањето за коментар за инцидентот, но денеска објави на Телеграм дека „ја забележала скандалозната одлука“ и дека Москва „силно ќе одговори“.

„Виена сноси целосна одговорност за понатамошното влошување на билатералните односи, кои веќе се на историски ниско ниво“, се наведува во соопштението на Амбасадата.