Австралија објави рекордно зголемување на трошоците за одбрана во мир


Австралија ќе ги зголеми своите воени трошоци за 53 милијарди австралиски долари (38 милијарди американски долари) во текот на следните 10 години што претставува најголем поттик за нејзиниот буџет за одбрана во мирнодопски услови.

Во денешниот говор во Канбера, министерот за одбрана Ричард Марлс изјави дека ова зголемување е дизајнирано да ја направи Австралија воено поефикасна.

Предвидено е трошоците да пораснат на три отсто од бруто домашниот производ (БДП), наместо планираното зголемување на 2,3 проценти. Парите првенствено ќе бидат насочени кон ракетна и воздушна одбрана, нови системи за оружје и проширување на беспилотните и автономните технологии, со што трошоците за одбрана во следните 10 години ќе достигнат околу 887 милијарди австралиски долари.

Марлс исто така ги одбрани критичните врски на земјата со Вашингтон, велејќи дека сојузот со САД „секогаш ќе биде фундаментален за одбраната на Австралија“, пренесе ДПА.

– Американското воено присуство е неопходно за балансирање на растечкото влијание на Кина во регионот и обезбедување стабилна рамнотежа на моќта во Индо-Пацификот – рече тој.

Безбедносниот сојуз АУКУС (AUKUS), воспоставен во 2021 година меѓу Австралија, САД и Обединетото Кралство, ќе остане централен во австралиските планови за одбрана, истакна Марлс.

АУКУС е наменет да и даде поддршка на Австралија во изградбата на подморници на нуклеарен погон, што според сегашните планови би можело да чини до 130 милијарди австралиски долари во текот на наредната деценија.