Авион во САД при полетување удри и уби човек на пистата


Авион на „Фронтиер ерлајнс“ удри и уби пешак на пистата на Меѓународниот аеродром во Денвер додека се подготвувал за полетување доцна во петокот навечер, потврдија властите. Инцидентот предизвикал краток пожар на моторот и сите 224 патници и членови на екипажот биле евакуирани од авионот, јавува Би-Би-Си.

Аеродромот соопшти дека човекот скокнал преку надворешна ограда и само две минути подоцна се нашол на пистата, каде што бил удрен од авионот. Летот на „Фронтиер ерлајнс“ требало да полета од Денвер за Лос Анџелес околу 23 часот по локално време.

Меѓународниот аеродром Денвер (DIA) соопшти дека не се верува дека човекот бил вработен на аеродромот и дека сè уште не е идентификуван. „Аеродромот ја проверил линијата на оградата и утврдил дека е недопрена“, се вели во соопштението. „Фронтиер ерлајнс“ изјави: „Длабоко жалиме за овој инцидент“.

По несреќата, противпожарната служба на Денвер брзо го изгаснала пожарот во моторот. Во кабината бил забележан чад, а како мерка на претпазливост, сите во авионот биле евакуирани преку итни тобогани.

Дванаесет патници пријавиле полесни повреди за време на инцидентот, а петмина биле однесени во блиските болници. Пистата беше затворена додека Федералната администрација за авијација истражуваше. „Исклучително ни е жал за овој инцидент и им изразуваме сочувство на сите засегнати“, се вели во соопштението на аеродромот во Денвер.