Атанасов: МЗТ сезонава ќе атакува на четири трофеи


Тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Васко Атанасов ги кажа амбициите на клубот во пресрет на новата сезона.

– Поминавме добри подготовки, а управата ни овозможи да го задржиме костурот на тимот и да се засилиме со странски играчи. Исполнети се моите барања за играчкиот кадар. Сега останува на нас да ги оправдаме очекувањата. Во новата сезона влегуваме со амбиции за одбрана на двата трофеја од домашното првенство и купот, освојување на Суперкупот, како и освојување на АБА 2 лига и влез во елитната конкуренција од регионалната лига, изјави Атанасов на денешната прес-конференција.

За капитенот Дамјан Стојановски неспорен е квалитетот на тимот со кој МЗТ Скопје ќе настапува во новото првенство.

– Одигравме доволен број на натпревари во подготвителниот период. Подготвени го дочекуваме стартот на АБА2 лигата. Секој почеток е тежок, но мислам дека од нас самите ќе зависи како ќе ја стартуваме АБА 2 лигата. Имаме квалитет за влез во АБА 1 и на тој пат очекувам помош од нашите навивачи кои секогаш се наш шести играч.

МЗТ Скопје Аеродром утре од 18 часот го пречекува Теодо Тиват во 1.коло од сезоната 2024/25 во АБА 2 лигата.

На 28 септември сино-белите од Аеродром ги очекува натпреварот од Суперкупот со Пелистер.