Антиваксерот Роберт Кенеди Џуниор ќе биде министер за здравство во новата влада на Трамп
Роберт Кенеди Џуниор, еколошки активист кој ширеше дезинформации за ковид-19 и вакцините, ќе го предводи министерството за здравство во новата влада на Доналд Трамп. Кенеди влезе во претседателската кампања како независен кандидат, но се повлече во август и му даде поддршка на Трамп.
„Безбедноста и здравјето на сите Американци се најважната работа за секоја администрација и министерството за здравство ќе игра голема улога во тоа сите да бидат заштитени од штетни хемикалии, загадувачи, пестициди, фармацевтски производи и адитиви во храната кои придонесуваат за огромната здравствена криза во земјата“, напиша Трамп на социјалните мрежи.
Кенеди, кој е син на Роберт Кенеди и внук на Џон Кенеди, во изминатите денови посочуваше дека неговите приоритети вклучуваат решавање на „епидемијата на хронични состојби“, како дебелина, дијабетес и аутизам и намалување на хемикалиите во храната. Тој најави дека ќе отпушти 18.000 вработени во Управата за храна и лекови.
Кенеди беше критикуван за изнесување лажни тврдења, како дека вакцините предизвикуваат аутизам. Тој негира дека е антиваксер, туку се залага за построги тестирања на вакцините.