Ангеловска го стави јавниот долг на увид на јавноста – достигна 5,54 милијарди евра


Јавниот долг во моментов изнесува 5,54 милијарди евра или 48,9 отсто од Домашниот бруто-производ, а до крајот на годинава се предвидува да се зголеми за уште речиси 600 милиони евра и да достигне 50,4 отсто од БДП, како што е и предвидено во Фискалната стратегија 2020-2023 година. Ова денес на прес конференција го рече Министерката за финансии, Нина Ангеловска претставувајќи ја новата алатка за јавен долг на постојната интернет платформа отворени финансии (https://javendolg.open.finance.gov.mk/). Новата алатка дава детални податоци за движењето на јавниот долг низ годините, потоа колкави биле задолжувањата на централната влада, а колкави на јавните претпријатија и на општините, колку се проценува дека ќе изнесува во тековната година, потоа податоци за државните хартии од вредност и аукциите со нив, како и појаснувања за одредени поими што се користат со цел тие да бидат подостапни за граѓаните.

„Новата алатка е најдобар одговор на лажните вести што се шират. Јавноста треба да ги знае сите информации и со проширувањето на платформата за отворени финансии со податоци за јавниот долг тоа го овозможуваме на најтранспарентен начин“, рече Ангеловска, која што порача дека надлежните треба да се фокусираат на решавање на проблемите, наместо да се занимаваат со популизам.

Одговарајќи на новинарско прашање како може да се каже дека јавниот долг е стабилизиран кога годинава се предвидува вкупно задолжување од речиси 600 милиони евра, Ангелоска рече дека податоците кои се достапни на јавноста покажуваат дека во последните три години трендот на силен пораст на јавниот долг како процент од БДП е прекинат и дека станува збор за негово стабилизирање, а не за намалување.

„Задолжувањето е потребно заради враќање на старите долгови и заради финансирање на инфраструктурни проекти“, рече Ангеловска, додавајќи дека е многу важно како и за што се користат позајмените средства и каков е нивниот мултипликатор. Таа рече дека во минатото имало периоди на поголеми задолжувања, но дека тоа не дало резултати бидејќи позајмените пари биле искористени за непродуктивни цели, како на пример за изградба на споменици. Доколку парите се користат за продуктивни намени, како за гасификација, изградба на пруги, патишта и сл, тогаш ефектите се позитивни, рече Ангелоска, додавајќи дека доколку тоа се правело во минатото, економскиот раст сега сигурно би бил 5 отсто годишно.

Инаку, според податоците објавени на оваа платформа, од вкупниот јавен долг од 5,54 милијарди евра, долгот на државата изнесува 4,5 милијарди евра или 40,2 отсто од БДП, а долгот на јавните претпријатија и трговските друштва во доминантна сопственост на државата и на општините е 984 милиони евра или 8,7 отсто од БДП.

Во периодот од 2017 до 2019 година долгот растел, меѓу другото, како резултат на кредити за изградба на гасоводот (55 милиони евра), за изградба на автопатот Кичево – Охрид, – 120 милиони евра, за автопатот Миладиновци – Штип (76 милиони евра) и тн.

Годинава, Владата планира да се задолжи од странски извори за 592 милиони евра, а за отплата стигнуваат 439 милиони евра по основ на странски долгови, што значи дека нето-задолжувањето ќе изнесува 153 милиони евра. Од домашни извори задолжувањето ќе изнесува 447 милиони евра, а раздолжувањето 265 милиони, што значи дека нето задолжувањето ќе изнесува 182 милиони евра. (Н.В.)