Ангел Димитров: Заглавени сме во 10-тиот век


Бугарскиот копретседавач со бугарско-македонската историска комисија, Ангел Димитров, вели дека Бугарија повеќе од сите сака да ја види Македонија во ЕУ, но засега нема основа за такво нешто и додава дека политичарите ја имаат сета одговорност кога се во прашање билатералните односи

-Тешко дека има земја која повеќе од Бугарија сака Република Северна Македонија да пристапи во Европската Унија. Но, секогаш има големо „но“, а тоа се одредува од подготвеноста на земјата кандидат. Би сакал да кажам дека РСМ е подготвена да може да започне преговори за ова прашање, но не гледам основа за такво нешто, вели за БНТ  Димитров.

Тој смета дека политичарите се секогаш на потег кога се во прашање билатералните односи.

„Историјата влијае насекаде, историјата дава аргументи, им помага на политичарите да ги разберат корените на современите проблеми, но тие не се оние што ги одредуваат односите. Целата одговорност е на политичарите“, додава Димитров.

Тој вели дека следниот состанок на Заедничката историска комисија ќе се одржи в четврток.

„Ќе разговараме за тоа што го зборуваме пет седници по ред. Заглавени сме во 10-11 век – крајот на Првото бугарско кралство, времето на цар Самуил и неговите наследници. Не останува време да разговараме за заедничкото чествување на Гоце Делчев“,вели Димитров.

Запрашан за иднината на Заедничката бугарско-македонска комисија, бугарскиот копретседавач истакна дека колку и да изгледа бесплодна нејзината работа, таа го привлекува вниманието на јавноста во двете земји.

„Прашањето ги засега луѓето – читаат. Комисијата е показател за состојбата на билатералната комуникација“,рече Димитров.