Андреј Петров и Игор Ивановски се враќаат во раководството на СДСМ


Лекарот Андреј Петров се враќа во СДСМ и тоа како член на Извршниот одбор на владејачката партија откако Димитар Ковачевски беше избран за нејзин претседател. Петров беше генерален секретар на СДСМ во времето на Бранко Црвенковски, а беше и градоначалник на Карпош.

Тој треба да биде потврден на утрешната седница на Централниот одбор, на кој треба да му биде дадено зелено светло на Димитар ковачевски да биде мандатар за составување на новата влада.

Претходно беше објавено дека поранешниот висок функционер на партијата Игор Ивановски  ќе биде промовиран како раководител на новиот Совет за креирање и имплементација на политики во СДСМ.

Треба да бидат избрани четири потпретседатели, а меѓу нив се вицепремирот Фатмир Битиќи, градоначалникот на Валандово Петар Костадинов, пратеничката од Битола Бисера Костадинова-Стојчева која стана познатаоткако во Собранието дојде во скафандер и гласаше за помош преку корона мерките. За нов генерален секретар на партијата повеќе од извесно е дека ќе биде Миле Зечевиќ, кој беше дел и од кампањата на новиот претседател на партијата Димитар Ковачевски.