Американски и британски војник загинаа за време на воена вежба во воздухопловната база Ербил, во Ирак
Двајца војници, еден од САД и еден од Обединетото Кралство, загинаа за време на несреќа при воена вежба во северен Ирак, соопштија синоќа британскиот министер за одбрана и американската армија во одделни соопштенија, пренесе ДПА.
Британскиот министер за одбрана Џон Хили пред Долниот дом на Обединетото Кралство синоќа изјави дека „вчера во северен Ирак се случила несреќа при воена обука во која загинал припадник на британската армија“.
Хили рече дека семејството на војникот е информирано. Тој не даде дополнителни детали, пренесува ДПА.
Одделно, американската армија во кратко соопштение наведе дека еден американски војник загинал за време на воена воена вежба во воздухопловната база Ербил.
Базата, во која се сместени американски војници, се наоѓа во регионот Курдистан, во Ирак, во близина на меѓународниот аеродром Ербил.
„Обуката беше спроведена со нашите партнери од британската армија, кои исто така загубија еден војник“, соопштија Централната и Третата армија на американската армија, додавајќи дека инцидентот се истражува, пренесува ДПА.