Амазон го купува Глобалстар за 9,8 милијарди евра за да го засили сателитскиот бизнис


 Технолошкиот гигант Амазон, во сопственост на Џеф Безос, соопшти дека ќе ја купи телекомуникациската компанија Глобалстар за 90 долари по акција, во зделка вредна околу 11,57 милијарди долари, односно приближно 9,81 милијарди евра. „Оваа зделка ќе даде значителен поттик за новиот бизнис на Амазон во областа на сателитски интернет преку ЛЕО (нискоорбитални) сателити, додека компанијата ја засилува конкуренцијата со Спејсикс (SpaceX) на Илон Маск“, пренесе Си-Ен-Би-Си (CNBC).

По објавувањето на веста, акциите на Глобалстар пораснаа за повеќе од 10 проценти, додека акциите на Амазон забележаа раст од околу три проценти. Од фирмата информираа дека, во согласност со договорот, ќе се преземат постојните сателитски операции, инфраструктурата и средствата на Глобалстар, вклучувајќи и дел од лиценците за радиофреквентен спектар со овластувања на светско ниво. Новите сателити на Глобалстар заедно со неговата постојна сателитска флота, ќе бидат интегрирани и ќе функционираат во рамките на пошироката мрежа на компанијата на Безос. Од Амазон посочуваат дека оваа аквизиција ќе овозможи развој на сопствен сателитски систем за директен пренос на податоци до крајни уреди, чија имплементација се очекува да започне во 2028 година.

„ Со комбинирање на искуството на Глобалстар и иновациите на Амазон, корисниците ќе добијат побрза и посигурна услуга на повеќе локации“, се вели во соопштението на потпретседателот на Амазон за уреди и услуги, Панос Панај. /МИА