Безос стана газда на Џемс Бонд: Амазон го купи МГМ за 8,45 милијарди долари

Американската компанија за електронска трговија Амазон денес објави дека го купи филмското студио МГМ за 8,45 милијарди долари, што е најамбициозниот потег во филмската индустрија, пренесува CNBC.
Ова е втора најголема аквизиција на Амазон откако во 2017 година го купи синџирот продавници за прехранбени производи Whole Foods.
Амазон соопшти дека сака да ја искористи богатата историја на студиото, како и огромниот каталог со 4.000 филмови и 17.000 ТВ серии за да го зајакне бизнисот на филијалата Амазон студио.
Така, на збирката филмови на Амазон ќе и се придружат филмовите од серијалот „Џемс Бонд“, сериите и филмот „Фарго“, „Приказната на слугинката“ и многу други наслови.
– Вистинската вредност на оваа аквизиција е огромниот каталог што сакаме да го освежиме и развиеме со талентиран тим од МГМ, вели потпретседателот на студијата Амазон, Мајк Хопкинс.
Оваа инвестиција е показател дека Амазон сака да остане конкурентен на пазарот на стриминг платформи. Нетфликс, Дизни и другите стриминг сервиси инвестираат милијарди долари за да ги наполнат своите библиотеки содржини за да добијат што повеќе претплатници.
Само минатата година, Амазон потроши над 10 милијарди долари на видео и музичка содржина, а бројот на претплатници на нивниот сервис Amazon Prime надмина 200 милиони долари оваа година.
Инвестициите секако се исплатеа, бидејќи од нивните редови излезе филмот „Манчестер покрај морето“ (Manchester by the sea), кој го освои Оскар во 2017 година за најдобро сценарио.
Друг привлечен проект е адаптацијата „Господар на прстените“, која во моментов е во фаза на производство и се проценува дека чини повеќе од 460 милиони долари, што ја прави најскапата серија досега.