Алтернатива реши да влезе во Владата


Орхан Муртезани, портпарол на Алтернатива соопшти вечерва дека Централното собрание на партијата одлучило Алтернатива да влезе во Владата. Според него ,одлуката била донесена со големо мнозинство. 

„Имаше седница на Централното собрание на Алтернатива. Се дискутираше и за вклучување на Алтернатива во Владата, а претседателот Африм Гаши ги информираше сите за преговорите и преземените чекори. Централното собрание со мнозинство гласови одлучи да се приклучи на актуелната Владата“, рече Муртезини.

Тој кажа дека причини за ваквата одлука на партијата се почетокот на преговорите со ЕУ и решавање на спорот со Бугарија. Договор имало и за меѓународен мониторинг за „Монструм“, за прегазувањето на Алмир Алиу, Диво Насеље и така натаму.

„Сметаме дека затворањето на спорот со Бугарија не е само државна, туку и албанска цел, затоа што со затворањето на тоа прашање се отвора патот на целиот регион кон ЕУ. Дополнително, како партија бараме меѓународна истрага за случаите ‘Монструм’, ‘Алфа’, ‘Диво Насеље’“, рече Муртезани.

Според него, постигнувањето на овие договори е победа за Албанците во Македонија, за партијата и за Македонија.

„Алтернатива успеа да докаже дека таа не е декор“, рече тој.

Тој додаде дека партијата ќе преземе значајни обврски во здравството, енергетиката, борбата против криминалот и корупцијата, културата, образованието, грижа за дијаспората… но не сакаше да знесува детали, оставајќи утре да ги соопшти лидерот на партијата. 

„Кај нас ќе следуваат внатрепартиски разговори, на кои ќе се одлучува за кадровските решенија. Вечерва не се зборуваше за ресорите“, рече Муртезани.

Одлуката е донесена по три средби на претседателон на Алтернатива, Африм Гаши со премиерот и претседател на СДСМ во оставка Зоран Заев. Муртезани информираше дека сите договорени точки утре официјално ќе се потпишат од двата претседатели на партијата Заев и Гаши.