„Алкалоид“ во 2019 со 18 отсто поголема добивка, 1 милијарда денари инвестиции и 218 нови вработувања


Фармацевтската компанија „Алкалоид“ од Скопје во периодот јануари – декември 2019 оствари раст на консолидираните продажби од 13 отсто, раст на консолидираната нето добивка од 18 проценти, инвестиции во износ од над 1 милијарда денари и 218 нови вработувања.

Според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари – декември 2019 година, продажбите достигнуваат 8.428.009.344 денари, што е за 12 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби пак достигнуваат 11.102.808.123 денари, што е за 13 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година.

Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 8 проценти, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 17 отсто. Од вкупните консолидирани продажби, 35 отсто се остварени на домашен пазар, додека 65 отсто се остварени на странски пазари. Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 33отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 20 отсто, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени 9 отсто и на останатите пазари се остварени 3 отсто од вкупните консолидирани продажби.

Најзабележителен раст е остварен во САД со продажби од 268.202.851 денари што е 2 пати повеќе од лани, Русија со продажби од 742.189.553 денари што претставува раст од 91отсто, Германија со остварени 75.689.421 денари и раст од 57 отсто и Велика Британија со продажби од 315.923.440 денари што претставува раст од 56 отсто споредено со истиот период од минатата година. Кај извозните пазари пораст бележат и следните земји: Романија раст од 42 отсто, Украина раст од 35 отсто, Бугарија раст од 16 отсто, Косово раст од 16 отсто, Црна Гора раст од 9 отсто, Србија раст од 7 отсто, Словенија раст од 7 отсто, Хрватска 5 отсто итн.

Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот Фармација и тоа 86 отсто. Од нив поголем удел имаат ОТЦ препаратите со 22 отсто, кардиолошките препарати со 15 отсто, антибиотиците со 15 отсто, невролошките препарати заземаат 13 отсто од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот Хемија, Козметика и Билкарство учествува со 14% во вкупните консолидирани продажби или поточно Хемија учествува со 2 отсто, Козметика со 8 отсто и Билкарство учествува со 4 отсто.

Единечната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 1.774.492.371 денари, бележи зголемување од околу 20 отсто , додека единечната нето добивка изнесува 1.007.811.167 денари и е зголемена за 19 отсто.

Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), достигна 1.857.857.478 денари и бележи раст од 19 отсто, додека нето консолидираната добивка во износ од 1.015.259.965 денари е зголемена за 18 отсто.

На ниво на групација нето профитната маржа за 2019 година изнесува 9,1 отсто, оперативната маржа е 10,8 отсто, додека ЕБИТДА маржата изнесува 16,7 отсто.

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – декември 2019 година изнесуваат 1.091.631.671 денари. Вложувањата главно се наменети за проширување на производните капацитети.

Во 2019 година започнаа инвестициите во новите производни одделенија што ќе се простираат на површина од 7.000 м² и кои како и останатите, ќе се изведуваат во согласност со строгите барања за Добра производствена практика (GMP). Ова ќе овозможи зголемување на капацитетите за производство за најмалку 50 отсто, односно од сегашниот капацитет од речиси 2 милијарди таблети и капсули годишно, на повеќе од 3 милијарди парчиња цврсти фармацевтски форми. Вкупниот износ на инвестицијата е проценет на 11 милиони евра. Комплетирањето на оваа инвестиција, планирано за првата половина од 2020 година, ќе создаде услови за реализирање на околу 200 нови вработувања во сегментот Фармација.

Со цел подобрување на енергетската ефикасност и намалување на штетни емисии во воздухот, во 2019 година започна реализација на проектот за гасификација на локалитетот Алкалоид – Ѓорче Петров. Проектот е вреден над 1 милион евра, а неговата финализација е предвидена во текот на 2020 година.

Во периодот јануари – декември 2019 година во Алкалоид се реализирани 218 нови вработувања во Македонија. Со тоа на крајот на декември 2019 година во Алкалоид АД Скопје работат 1.653 вработени додека во друштвата и претставништвата во земјата и во странство има вкупно 574 вработени или вкупно 2.227 вработени во групацијата.

Со Одлука на Управен одбор на Алкалоид АД Скопје, во март 2019 година, одобрен е и исплатен, регрес за користење на годишен одмор на вработените во компанијата, во висина од 27.709 денари бруто, односно 24.938 денари нето, додека во август 2019 година, одобрено е зголемување на нето платата на вработените за 5,2% почнувајќи од 01.09.2019 година со што просечната исплатена нето плата за декември 2019 година достигна 46.686,00 денари.

Акциите на Алкалоид АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидни акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – декември 2019 година се движеше од 8.200,00 денари до 11.901,00 денари или просечно 9.508,11 денари за една акција што претставува раст од 18% во споредба со просечната цена во истиот период од 2018 година. Пазарната капитализација на компанијата во 2019 година надмина 17 милијарди денари.

Остварените продажби и остварениот профит за 2019 година го надминаа бизнис планот за 2019 година донесен со одлука на Управниот Одбор на Алкалоид АД Скопје на седницата одржана на 27.12.2018.

Бизнис планот за 2020 година донесен со одлука на Управниот Одбор на Алкалоид АД Скопје на седницата одржана на 27.12.2019 година предвидува инвестирање на околу 14% од консолидираните приходи од продажби во материјални и нематеријални средства, раст од најмалку 7% на консолидираните продажби во однос на 2019 година, како и раст од најмалку 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на проекциите за 2019 година.