Албанската полиција уапси Косовец за грабежот на аеродромот во Тирана
Албанската полиција уапси Косовец поради вмешаност во „грабежот на векот“ што се случи на 9 април на аеродромот во Тирана, кога беа украдени повеќе милиони евра.
Станува збор за Рагип Хајдини (50), познат како Даја (вујко). Тој е уапсен во неговиот стан во приморскиот град Каваја.
Хајдини е шесто уапсено лице вмешано во грабежот, а според министерот за внатрешн работи на Албанија, Сандер Леши, апсењата ќе продолжат.
Претходно уапсениот Алконд Бенгаси (34), еден од членовите на криминалната група, кој се согласи да соработува со Обвинителството, како учесници во грабежот посочи двајца Косовци кои ги знаел под псеводнмот Даја и Тани.
Бенгаси беше уапсен на 23 овој месец на аеродромот во Тирана при обид да ја напушти земјата и да замине за Бугарија.
Тој исто така потврдил дека групата ја сочинувале девет лица, меѓу нив и една жена, Е.Бици (31), која го запали возилото со кој побегнаа ограбувачите и во друг правец ја насочи полицијата, за која подоцна беше утврдено дека е поранешна албанска полицајка.
Инаку, групата разбојници често патувала на релација Тирана – Приштина и се враќале во нивното седиште во Елбасан, како и во она во населбата „Фреску“ во Тирана.
Адмир Муратај од Елбасан, кој се смета за „мозокот“ на групата беше убиен кусо по грабежот во престрелка со полицијата, кога остнатите четворица кои директно учествуваа во грабежот успеааја да и избегаат на полицијата.
Разбојниците при грабежот биле вооружени и маскирни во војнички униформи. Крадците најпрво ја исекле жичената ограда по што со голема брзина со возило на кое пишувало „Даночна управа“ влегле на аеродромската писта до авионот полн со патници. Тројцата од нив влегле во авионот, кој требало да полета за Виена и под закана со оружје од просторот за багаж ги земале торбите со пари и побегнале.
По инцидентот компанијата „Аустриан ерлајнс“ соопшти дека повеќе нема да врши транспорт на пари од Албанија.
Засега нема трага од украдените пари, кои според медиумите се од пет до 10 милиони евра и припаѓаат на три банки во Тирана.