Албанската полиција спречи шверц на 204 килограми марихуана кон Црна Гора


 

Албанската полиција во рамки на акцијата „Лиќени“ (езеро) спречи шверц на 204 килограми марихуана, која требало да биде прошверцувана на територијата на Црна Гора.

Дрогата е запленета во близна на Скадарско Езеро, кај селото Варка, област Голема Малесија, при што уапсено е лицето Марјан Куртеза (33) од селото Нов Штој, додека по Д.Б.(35) од Скадар, се уште се трага.

– Врз основа на информациите и оперативната полициска работа во врска со дејствувањето на криминална група која шверцувала марихуана од Скадар во Црна Гора, денеска, во раните утрински часови, спречен е шверц на 204 килограми марихуана. Во акцијата запленети се и две моторни возила „Ланд Ровер“ и автомобил марка мерцедес, четири мобилни телефони, како и средства за пакување на наркотичното средство, стои во соопштението од Регионалниот полициски комесаријат во Скадар.

Истрагата продолжува за индентификација и апсење и на други лица вмешани во оваа криминална активност.

Во изминатите денови големи количества марихуана внесена од Албанија се запленети во Грција и во Италија. Пред два дена италијанската полиција заплени околу два тона марихуана прошверцувана од Албанија.