Ако Трамп беше на власт во САД, судирот во Украина можеше да се избегне, вели Путин

Рускиот претседател Владимир Путин се обрати на пленарната седница на 22-от годишен состанок на Меѓународниот дискусионен клуб „Валдај“ во Сочи чија тема годинава е „Полицентричен свет: Водич за корисници“.
– Живееме во период на брзи и кардинални промени. Не можеме да ја предвидиме иднината, но треба да бидеме подготвени на сè. Одговорноста на секого во таков период на историјата е исклучително голема, почна Путин со своето излагање.
Како што истакна, потешко е да се воспостави и да се најде баланс.
– Никој од нас не може да ја предвиди иднината. Но тоа не нè ослободува од обврската да бидеме подготвени на сè што може да се случи. Практично, како што времето покажува, треба да бидеме подготвени на сè, порача рускиот претседател.
– По распадот на СССР, Москва се надеваше дека ќе биде воспоставена соработка. Русија двапати покажа подготвеност да се приклучи на НАТО и двата пати беше одбиена, потсети Путин. Русија беше подготвена да соработува со западните партнери, но тие не беа подготвени да се откажат од стереотипите, нагласи тој.
Како што наведе, поранешниот американски претседател Бил Клинтон му рекол дека членството во НАТО е интересна можност, но потоа изјавил дека такво нешто е невозможно да се реализира.
Моќта на САД и нивните сојузници кон крајот на 20 век го достигна врвот, но невозможно е да се управува со целиот свет, оцени тој.
Западот, како што додаде, „сметал дека има право на другите да им држи лекции, а други земји за мали награди биле подготвени тоа да го поддржат“.
Земјите кои, пак, биле против хегемонијата на САД, наидувале на неразбирање и закани, потсети рускиот претседател.
– Некои земји кои се спротивставуваа, почнаа да ги превоспитуваат. Тоа не доведе до ништо добро, наведе тој.
Рускиот лидер истакна дека властите на западните земји го лажат сопственото население, ги претвораат демократските процедури во фарса, а како пример ја наведе Романија.
Некои земји се обидуваат да забранат противници кои добиваат политичка поддршка, но забраните се неефикасни, додаде шефот на руската држава.
– Мултиполарноста ја заменува некогашната практика на потчинување на мнозинството на малцинство која постоеше во времето на западната доминација, нагласи тој.
Противниците на Русија учеле сè со цел меѓународен план да ја изолираат Русија. Русија е рекордер по бројот на воведени санкции, рече тој.
– Но, противниците на Москва не ги остварија своите цели, порача рускиот претседател.
Русија не може да се истисне од меѓународната заедница бидејќи ѝ е потребна на светот, без Москва нема баланс во светот – стратешки, економски, културен, нагласи Путин.
Некои сепак се обидуваат на Москва да ѝ нанесат стратешки пораз, но и најтврдоглавите сфаќаат дека тоа е невозможно, рече Путин.
– Ако сакаат да ја тестираат нашата одбранбена способност – нека пробаат. Нашата историја покажа дека слабоста е недозволива. Москва никогаш нема да ја покаже, нека го имаат тоа на ум оние на кои им пречи тоа што Русија постои. Одговорот на Русија на милитаризацијата на Европа ќе биде убедлив, нагласи Путин.
Во врска со Украина, тој рече дека „украинската трагедија е болка и за Русија и за Украинците“.
– Да НАТО не се приближил до границите на Русија, судирот во Украина можеше да биде избегнат. Одговорноста за фактот што пожарот во Украина сè уште не е запрен, пред сè лежи на Европа, нагласи Путин.
– Оние кои ја поттикнуваа и вооружуваа Украина, со децении ја вртеа против Русија и Русите, ним им беше сеедно и за Москва, но и за интересите и на Украина и на нејзиниот народ. Украинците за нив се потрошна роба, нагласи рускиот претседател.
Резултатите од таквиот авантуристички пристап се очигледни, додаде тој.
Путин се согласи со Трамп дека со некоја друга американска администрација можело да се избегне судирот во Украина. Сегашната администрација се раководи од интересите на својата земја и тоа е рационален пристап, рече Путин.
Ако Трамп беше на власт во САД, судирот во Украина можел да се избегне, смета рускиот лидер.
– Русија го задржува правото да се раководи од своите национални интереси,“ порача тој.