Акцизите на горивата и натаму се на листата на чекање


Од конечната одлука на Владата ќе зависи и колку пари може да се влеат во Буџетот – дали 46 милиони евра годишно, или помалку

Дали акцизата на дериватите ќе се зголеми за два или за три денари и колку ќе се интервенира во цената на екстралесното гориво, остана нејасно и по вчерашната седница на Владата, од каде што не беше соопштено дали воопшто се дискутирало за предлогот на Министерството за финансии. Министерката за финансии Нина Ангеловска вчера на прес конференција рече дека зголемувањето на акцизата „има економска логика“, а дополни дека во анализите што ја имаат направено во Министерството за финансии во соработка со Царинската управа „е вклучено и екстралесното гориво, во нагорна линија секако“. Од конечната одлука ќе зависи и колку пари може да се влеат во Буџетот – дали 46 милиони евра годишно, колку што пресмета Стопанската комора на Македонија, која и ја иницираше мерката, или помалку, ако таа се усвои делумно, односно без изедначување на акцизата што се пресметува на ЕЛ-1 со онаа на дизел горивото.

Анализите што ги правиме покажувааат дека има економска логика и дека се создадени предуслови за носење ваква одлука од Владата“, рече вчера министерката Ангеловска. Таа појасни дека не се разговара за трајно зголемување на оваа давачка, туку како за антикризна мерка.

Во вакви услови при вакви падови на цената на нафтата имаме можност да ја надополниме дупката во буџетските приходи по основ на акцизата која би била поголема, а секако дека во даден момент ќе ја враќаме“, рече министерката споменувајќи дека има механизми и модели со цел при било каков раст или промена на цената на нафтата, акцизата повторно да се намали.

Добра околност, според неа, е што на светскиот пазар дојде до драстичен пад на цените на нафтата.

Акцизите се значаен приход во Буџетот, кои очигледно се намалуваат значајно поради намалената потрошувачка.

Сметаме дека е оправдано да се изработат анализи и да се види фискалниот ефект земајки ги сите овие фактори. Притоа треба да се има предвид каква е цената на горивата кај нас во споредба со регионот. Таа е значително пониска споредено со сите земји во регионот, а исто така и акцизата е значително пониска“, рече Ангеловска.

Но, за екстралесната нафта министерката рече дека предлозите не се во насока на комплетно изедначување на цената со дизелот, затоа што, како што објасни земавме предвид дека се работи пред се за антикризна мерка, а владата ќе одлучи кога ќе се стави на дневен ред“.

Предлогот за зголемување на акцизите на горивата крена вистинска бура во јавноста и создаде интересна ситуација во и надвор од Владата. Од една страна Стопанската комора предложи зголемување на акцизата за дериватите од два денари за литар, но и изедначување на цената на ЕЛ-1 со дизел горивото. За Владата по се изгледа целосно е прифатлив само првиот дел од предлогот. Од друга страна, против предлогот на Стопанската комора на Македонија се изјаснија други асоцијации на стопанственици – како Сојузот на стопански комори и здруженија на транспортерите. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, го прифаќа само делот кој значи изедначување на цената на екстралесната нафта со дизелот, но е категорично против зголемување на акцизата за бензинот и дизел горивото за два или три денари.

Нивниот аргумент е дека од повисоките акцизи корист ќе имаат само мала група олигарси, без притоа да ги именуваат или подетално да елаборираат на кој начин ќе се овозможи тоа, имајќи во предвид дека акцизите директно се слеваат во Буџетот.

Со покачувањето на акцизата директно ќе се влеат пари во буџетот, а не како што велат во фирмите. Кои се тие фирми што ќе ќарат од оваа работа, па слушам како викаат дека тоа биле фирми на олигарси. Кои се тие олигарси, луѓето што водат успешни фирми?“, изјави претседателот на Стопанската комора Бранко Азески во интервју за телевизија „Телма“, коментирајќи ги забелешките на опозицијата.

Енетргетски компании проценуваат дека годишно поради злоупотреби со значително поевтината екстралесна нафта, која наместо за греење се користи како погонско гориво, се губат 30 милиони евра. Според истите ороцени, годишните потреби за домаќинствата за овој енергенс изнесуват околу 5 милиони литри, а вкупната потрошувачка е десет пати повеќе или 50 милиони литри.

Екстралесното се злупотребува на различни начини и сметам дека е крајно некоректно во услови кога ни умираат луѓе да се толерираат такви работи“, вели Азески.

Според анализите што претходно ги објави Стопанската комира, приходите од акцизи учествуваат со 22 отсто во вкупните даночни приходи во Буџетот. Во 2019 година биле наплатени 422 милиони евра акцизи. Просечно во Македонија се трошат околу 80 илјади тони нафтени деривати. Во 2018 година биле продадени околу 45 илјади тони екстралесно гориво кое содржи 100 пати повеќе сулфур во споредба со дизел горивото, што значи дека наместо 500 килограми сулфур, во атмосферата се испуштаат 50 илјади килограми сулфур. (М.Ј.)