Ад хок тело ќе решава за здруженија со имиња на историски личности


 

Владата, на предлог на Министерството за правда, денеска на редовната седница ја усвои информацијата за иницирање меѓуресорско ад-хок тело како привремено решение до донесување на нов закон за здруженија и фондации.

„Со оглед на тоа што Министерството за правда не води регистар на историски личности постои потреба од преодно решение за барањата поднесени од страна на здруженијата кои во името имаат историска личност. Ова тело ќе дава мислење за карактерот на историските личности, односно на начинот на кој ќе се формираат, со цел да се избегне злоупотреба на одредени личности кои имаат негативен контекст низ различни историски епохи“, информира владината прес-служба.

Претходно во денот истото тоа го најави и министерот за правда Никола Тупанчевски.

Формирањето на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола и најавата за друг клуб „Борис Трети“ во Охрид ја вознемири македонската јавност затоа што и двете личности беа декларирани соработници со нацистите и фашистите во Втората светска војна. Бугарскиот цар Борис Трети беше сојузник на Хитлер и имаше повеќе средби во Германија со нацистичкиот водач како дел од силите на Оската.