Џафери не му дава на Мицкоски да зборува во Собранието


Парламентарниот спикер, Талат Џафери не планира да му даде дозвола на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да се обрати во Собранието. Според Џафери, деловникот не му овозможува да го повика лидерот на опозицијата да зборува во парламентот, имајќи предвид дека не е пратеник. Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев му реплицираше дека во минатото имало таква пракса, споменувајќи го Филип Петровски, кој како лидер на студентите, се обрати во Собранието во 1997 година.

„Почитувани, со оглед на фактот што во овие моменти во законодавниот дом се расправа за потребата од уставни измени кои имаат суштинско влијание, политичката криза во која влегува нашата земја како и значајноста која овој период ја има за иднината на Република Македонија, како и со оглед на сензитивниот момент, вниманието и контраверзите што ја предизвика оваа дебата во јавноста, ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија која е во опозиција, и чиј што претседател, Христијан Мицкоски не е пратеник, а со тоа е оневозможен пред народните преставници да ги изрази своите погледи и ставови кон ова чуствително прашање, испраќаме барање да се овозможи негово обраќање на тековната пленарна седница по однос на предложените уставни измени. Ова право го овозможува Деловникот за работа на Собранието, каде согласно член 72, став 2 од Деловникот овозможува претседателот на Собранието да ‘може да покани на седницата на Собранието да присуствуваат и во работата да учествуваат претставници и на други органи и организации’“, се наведува во барањето од ВМРО-ДПМНЕ испратено до собраниските служби.