Ќе има „амнестија“ и за дел од бомбите


Измените во Кривичниот законик со кои се интервенира во членот за злоупотреба на службената должност стигнаа кај пратениците во Собранието. Законските измени се очекува да бидат додадени како точка на дневен ред на денешната седница што почнува во 14 часот и да бидат донесени по брза постапка. Нивното донесување, како што се оценува, ќе значи „амнестија“ по заобиколен пат за дел обвинети или осомничени во случаи на СЈО.

Според собраниски извори, измените во КЗ се носат во контекст на престојното гласање за предлог-амандманите на Уставот, откако премиерот Зоран Заев објави дека недостигаат уште четири гласа за двотретинско мнозинство. Проценките во парламентот се дека се проблематчни гласовите на независните пратеници Елизабета Канчевска – Милеска, Емилија Александрова, Нола Исмаилоска, Владанка Авировиќ и Зеќир Рамчиловиќ, кои не се поврзани со 27 април. Затоа, пак, овие пратеници, директно или индиректно, се поврзани со случаи што произлегоа од „бомбите“.

„Независен весник“ објави пред неколку дена дека, наводно, преку телото за помирување до владејачкото мнозинство стигнало барање за измени во кривичниот законик.Владини извори тогаш изјавија за нашиот весник дека измените во Кривичниот закон, всушност, се барање на ДУИ, а не на осумтемина пратеници. Причина за тоа, како што се посочува, не е само потребата да се обезбеди сигурно двотретинско мнозинство за уставните измени, туку и да се овозможи евентуално ослободување од одговорност на одредени функционери на ДУИ, пред донесувањето на измените во Законот за СЈО, со што ова обвинителство треба да добие зголемени надлежности, но и мандат повторно да може да покренува обвиненија за случаи што произлегуваат од снимките од прислушуваните разгвори.