Пратеници во облаци

Пратеници во облаци
Граѓаните на Македонија се во исчекување! Каква уште „новогодишна честитка“ ќе пристигне од неформалното собраниско тело за помирување, кое се претвори во своевиден парламент во сенка. Оттаму минатата седмица произлезе фамозниот Закон за амнестија од кој на крајот, се чини, најголема политичка штета ќе понесат оние што ем беа тепани на 27 април минатата година ем беа приморани да простат и да заборават.

Но апсурдите не завршуваат тука. Ако им се верува на „злите јазици“ во политичките кулоари, не е исклучено сега владејачката ДУИ да блесне со ново барање во рамките на телото за помирување - за измени во Кривичниот законик. Така, амнестијата нема да застане само на крвавиот четврток туку по заобиколен пат ќе опфати и дел од „бомбите“. Впрочем, интегративците не се најмногубројни во таборот на осомничени и обвинети во случаите на СЈО, ама, нели, не е лошо да се дејствува превентивно пред на ова обвинителство да му се зголемат надлежностите и да му се одврзат рацете за подигање нови обвиненија.

Сепак, ваквите навестувања засега се само тоа и се во доменот на шпекулациите. Затоа, пак, не е шпекулација дека група пратеници наеднаш се сетиле да побараат дополнителни привилегии за себе. Иако со денови остана енигма кој точно политички табор или кои пратеници дошле до таков брилијантен изум, никој не го демантираше неговото пласирање. И тоа во еден од политички покритичните период за земјава, среде уставни измени и реформски процеси и додека се исчекува да се валоризира поканата за членство во НАТО, а потоа Македонија да добие и почеток на преговори со ЕУ. Затоа треба јасно и гласно да се каже кој конкретно стои зад барањето за „пратенички вработувања“. Ако не за друго, барем граѓаните да знаат на следните избори дека не треба да гласаат за кандидати кои живеат во облаци, така што или не се свесни за реалните проблеми во државата или се свесни само за сопствените желби и потреби и се сметаат себеси за поеднакви од другите.

Всушност, кога сме кај реформите, не е исклучено дека дел од пратениците токму така ја подразбираат тековната реформа во јавната администрација - како можност да се осигураат дека по завршувањето на мандатот нема да мораат да бараат работа, како што бараат над 180 илјади македонски граѓани, меѓу кои сигурно и избирачи кои токму на овие пратеници им ја дале довербата да придонесат за решавање на најгорливите проблеми во државата, вклучително и тој со невработеноста. Или дека нема да мора да влегуваат во зоната на неизвесноста со тоа што ќе заминат на едногодишна апанажа или ќе се вратат на работа во некоја приватна фирма, кога знаат дека вработувањето во државниот апарат, иако можеби не е најдоходовно, е сепак најсигурно.

Не е тешко да се претпостави како ќе заврши реформата на и без тоа натрупаната администрација која, од друга страна, кубури со стручни кадри, ако во неа по секои нови парламентарни избори влегуваат по неколку десетици нови вработени. И тоа поранешни пратеници - со партиски книшки и без оглед дали имаат бирократско искуство и дали има потреба од нивните професионални профили. Во таков случај, на големи ѕвона најавуваната рационализација, систематизација, професионализација, департизација на јавниот сектор би се претворила во чиста спротивност на декларативно искажаните заложби на актуелната влада.

Од друга страна, колку и да изгледа субјективен, контроверзен и неправеден еден таков предлог за пратенички бенефиции, нема дилеми дека околу него многу полесно ќе се постигне консензус отколку за донесување на уставните измени или на двотретинските реформски закони. Ако за да се обезбеди потребното мнозинство за регулативите од кои зависат евроатлантските процеси на државата беше неопходно да се измисли цел процес на „помирување и простување“, за бенефициите, веројатно, ќе биде доволно само да се замижи при гласањето и потоа уште извесно време да се истрпат стоечки негативните одеци во јавноста.

Македонскиот парламентаризам веќе памети неколку слични обиди за обезбедување дополнителни пратенички привилегии кои, за среќа, беа суспендирани како неуставни со претседателско вето. Очекувањата сега се дека најновата иницијатива во таа насока нема воопшто да стигне до претседателската резиденција. Туку дека ќе остане единствено на масата во телото за помирување и дека од старт ќе биде отфрлена како спротивна на уставните принципи за еднаквост на граѓаните и за право на секој граѓанин на работа и на заштита од невработеност. Во спротивно, ќе се претера. И со помирувањето.

Александра М.Митевска

Споделување со вашите пријатели: