Петрова побарала „временска рамка“ до кога Македонија ќе го исполни условот од ЕУ
Условите за напредок на Македонија во ЕУ остануваат непроменети од 2022 година, порачала бугарската министерка
Министерката Велислава Петрова оствари средба со министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија, Тимчо Муцунски на маргините на Меѓународната конференција за Коридорот 8 во Софија.
-Министерката Петрова ја потврди поддршката на Бугарија за европската перспектива на Македонија, заснована на принципот на поединечни заслуги. Во тој контекст, таа побара информации за временската рамка во која Република Северна Македонија планира да ги исполни обврските утврдени во европскиот консензус од 2022 година – обврски неопходни за почеток на преговорите за пристапување на земјата во ЕУ.
Беше разгледан и случајот на Ива Михаилова, македонска државјанка со бугарска етничка припадност. Министерката Петрова ја поздрави согласноста на Скопје да им се дозволи на бугарски медицински експерти да се приклучат кон медицинската комисија што ја проценува здравствената состојба на Михаилова. Министерката Петрова го изрази очекувањето на бугарската страна на Ива Михаилова да ѝ се овозможи соодветен медицински третман.
Двете страни се согласија да одржуваат отворена комуникација за прашања од заеднички интерес на соодветните нивоа“, стои во соопштението на бугарското МНР.
Во изјава за новинарите Петрова оценила дека Бугарија ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија -но условите за нејзиниот напредок остануваат непроменети од 2022 година.
„Одржавме конструктивна билатерална средба со министерот Муцунски. Таа беше побарана од Република Северна Македонија, а јас се согласив. Бугарија ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија, при што условите за тоа остануваат непроменети од 2022 година. Очекуваме да се спроведат и уставните измени и сите други елементи од постигнатиот консензус“, нагласи Петрова.
Таа изјави дека побарала од Муцунски да го претстави ставот на Скопје во однос на временската рамка за исполнување на преземените обврски.
„Нивниот став е дека треба да се изгради доверба. За мене, главниот начин за градење доверба е преку исполнување на обврските. Се надевам дека ќе видам позитивни чекори во таа насока“, рече министерката за надворешни работи.