Јанчев за „Независен“: Би го водел ВМРО ако видам тим со визија


Довчерашниот потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Митко Јанчев, мирно ја прими одлуката за негово разрешување од функцијата. Вели дека чека да добие официјален документ за да види дали е „само“ сменет од потпретседателската фотелја или добил „шут-карта“ од членството во партијата.

Доколку сè уште сум член на партијата, секако дека останувам да се борам за моите идеи за прогресивност и евроатлантска ориентација“, вели Јанчев за „Независен весник“.

Заладувањето на односите со претседателот Христијан Мицкоски, што резултираше со завчерашното разрешување, кулминираше во пред и постреферендумскиот период кога Јанчев отворено се залагаше да се излезе и да се гласа „против“ договорот со Грција, кој бил лош, но партијата јавно да покаже став и со тоа да ѝ помогне на Македонија конечно да стане дел од европското семејство. Од друга страна, Мицкоски и другите двајца потпретседатели: Александар Николоски и Владо Мисајловски прокламираа „бојкот“, иако јавно се залагаа за опцијата секој сам да одлучи што ќе прави. Всушност, првите искри во вмровскиот кампус кон градоначалникот на Кавадарци беа по една летна фотографија од еден навидум безначаен настан во Тиквешието каде што Јанчев позира заедно со премиерот Зоран Заев. Додека социјалдемократите моментот го доживуваа како фотографија на двајца лидери за европска Македонија, вмровците се чувствуваа предадени поради што на социјалните мрежи дури и почна акција за бојкот на минералните води „кожувчанка“, чиј сопственик е Јанчев. Веднаш по референдумот, пак, тој прв подаде рака на идејата на Заев за амнестија и помирување за случувањата од 27 април.

Муабетите за моја блискост со Заев или за наводни бизниси се измислици. Јас би бил среќен кога и моето ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ би имале луѓе на раководните функции што ѝ мислат добро на Македонија. Што се однесува до бизнисот што го водам, секој има свои граници и толеранции, тоа нема врска со политика“, коментира Јанчев.

Кога пред 11 месеци победи во трката за Кавадарци, многумина му предвидоа светла иднина во партијата. Сопартијците за него велеа дека станал градоначалник, исклучително поради неговите способности, а не поради моќта на партиската машинерија, која во последните денови од владеењето на Никола Груевски беше целосно „зарибана“. Впрочем, Јанчев беше единствениот вмровски градоначалник во градовите од земјата. Другите тројца се во Зрновци, Илинден и Сопиште. Кратко време потоа, со поставувањето на Мицкоски за нов претседател, нему му беше дадена шанса да му го чува грбот. Прифати. Во едно од неговите први интервјуа, дадено за нашиот весник потенцира дека политиката на ВМРО-ДПМНЕ, политичките идеи и заложби биле најблиски со неговите убедувања. Таа партија, според него, знае да се доближи до народот, емотивно ги доживува проблемите и им пристапува транспарентно и чесно. Рече дека функцијата во ВМРО-ДПМНЕ му е голем предизвик бидејќи сака да помогне во процесот на просперитетна и подемократска Македонија.

Девет месеци подоцна го прашуваме каде „пукна љубовта“ со Мицкоски…

Од економски гледна точка, и натаму немам проблеми со идеите што ги заговара партијата. Но, и тоа како имам проблем со суетноста на одредени луѓе. ВМРО-ДПМНЕ не може и не смее да биде султан-партија. Треба да има и да се почитуваат различни ставови, зашто само со еден став и со диктатура стигнавме каде што сме“, нагласува кавадаречкиот градоначалник.

Дел од медиумите шпекулираа дека му подготвува „пуч“ на Мицкоски со цел да ја преземе партијата. Од друга страна, во вмровските кругови му се подготвуваше смена. Пред неколку дена, Јанчев праша кој е тој маж што ќе го разреши? Сменет е едногласно со тајно гласање на централниот комитет во понеделникот, каде што не беше присутен.

Нема да ви одговорам директно на прашањето дали имам амбиции да станам претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Не би било фер, но ќе ви кажам дека доколку внатре во партијата има тим подготвен за работа, составен од високоетаблирани луѓе со јасна визија во кој правец треба да се одвива ситуацијата и да се движи партијата – подготвен сум да се приклучам, па и да го раководам тој тим и да бидам на негово чело“, најавува Јанчев.

Разрешувањето од функцијата беше објаснето со дејствување спротивно на интересите на ВМРО-ДПМНЕ и на Македонија заради силна соработка со Зоран Заев, како и организирање група за притисоци, уцени, закани и поткуп на пратеници од опозицијата да гласаат за уставните измени, при што биле користени најниски методи.

„Потпретседателот Александар Николоски, кој ги кажа тие работи, ми испрати СМС-порака, а потоа и телефонски ми се јави за да се извини поради лошо подготвената изјава за медиумите. Ми потврди дека разрешен сум единствено поради различните политики со врвот на партијата“, заклучува Јанчев за „Независен“.

На констатацијата дека ВМРО-ДПМНЕ остана и без важен финансиер, повторува дека бизнисот и политиката немаат ништо заедничко објаснувајќи оти помага секаде каде што смета дека треба и каде што се промовира демократијата.

Горан Адамовски