Шкендија го декласираше велшки ТНС
Македонскиот шампион Шкендија со високи 5:0 го совлада велшкиот првак ТНС на првиот натпревар од квалификациите во Лигата на шампионите, што се одигра вечерва во Скопје.
Шкендија уште во 14-та минута од средбата со голот на Изаир Емини дојде до предност од 1:0. Во 38-та минута повремениот македонски репрезентативец Бесарт Ибраими прецизно шутираше од 15-тина метри и ја зголеми предноста на 2:0, резултат со кој се замина на полувремето.
Ибраими во второто полувреме за 13-тина минути постигна уште три гола и ја зголеми предноста на 5:0. Во 53-та минута беше прецизен за водство од три гола разлика, во 60-та минута погоди од слободен удар за 4:0 и шест минути подоцна го постигна неговиот четврти гол на натпреварот за конечните 5:0.
На трибините беа присутни околу четири илјади гледачи, додека околу „Телеком Арена“ можеше да се забележи силно полициско обезбедување.
Реваншот во Велс е закажан на 17 јули со почеток од 20 часот.
Шкендија доколку го помине ова коло во следното ќе се сретне со подобриот од двомечот помеѓу Торпедо Кутаиши (Грузија) и Шериф Тираспол (Молдавија).