Федерер ќе биде Број еден најмалку еден месец


Новиот тениски Број еден во светот Роџер Федерер ќе остане на првото место на светската ранг-листа минимум еден месец (19 февруари – 18 март).

Швајцарецот кој има 36 години, денеска официјално стана најстариот број еден во историјата. Тој во моментов има 345 поени пред сегашниот лидер на ранг-листата на АТП, Рафаел Надал. Со титулата на турнирот во Ротердам, каде вчера го победи со 6:2, 6:2 Григор Димитров во финалето, Федерер си обезбеди останувањето на врвот барем до завршувањето на „Мастерс“ турнирот во Индијан Велс, каде што треба да ја брани минатогодишната титула.

Во наредните денови Федерер ќе одлучи дали ќе учествува на турнирот во Дубаи, кој започнува на 26 февруари. Швајцарецот минатата година беше елиминиран во вториот круг во Дубаи и има само 45 поени за бранење. Надал пак треба да брани 300 поени следната недела, откако во 2017 година стигна до финалето на турнирот во Акапулко.

Федерер можеби ќе се обиде да собере максимална бодовна предност пред Шпанецот пред двата „Мастерс“ турнири во март (во Индијан Велс и Мајами), бидејќи Швајцарецот треба да брани цели 2.000 поени по титулите во овие два турнири, додека Надал ќе брани само 690 поени во истиот период.