Три години по крвавиот пир во Диво Насеље, и натаму повеќе прашања отколку одговори


Алијансата за Албанците побара, од Владата одговорија дека конечно се исполнети условите за започнување на меѓународна експертиза за овој случај.

Пред точно три години во Куманово се случи 48-часовна војна во која имаше голем број жртви и трауматизирани граѓани кои не знаеја што им се случува. На втори ноември минатата година 33 лица беа прогласени за виновни, од кои седум добија доживотен затвор, четворица обвинети, кои се водеа како логистика на извршителите, беа ослободени бидејќи за нив немало доволно докази, тринаесетмина обвинети добија по 40 години затвор, а шестмина беа осудени на 20 години затворска казна. Останатите казни се движеа меѓу дванаесет и осумнаесет години затвор. Сепак, овој судски епилог за крвавиот случај во Диво Насеље, според многумина, не одговори на главните прашања.

Алијансата за Албанците и Зијадин Села упатија отворено писмо до шефот на делегацијата на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, потсетувајќи го дека 9 мај не е само Денот на Европа, туку и тригодишнина од настаните во Диво Насеље. Според партијата на Села, и по три години остануваат многу дилеми за тоа кој бил организатор на крвавиот ден кога многу луѓе беа убиени и повредени. Токму поради овие причини, како што се наведува во писмото, Алијансата за Албанците бара од ЕУ и од Жбогар да иницира меѓународна истрага со цел да се дознае целосната вистина и граѓаните конечно да ги добијат одговорите што веќе долго време ги бараат.

Како реакција, премиерот Зоран Заев соопшти дека Владата е подготвена за меѓународна експертиза за случајот „Дива Населба“.

„Согласно позитивните прописи во Македонија, утврдивме дека таа не може да се вклучи во средината од судскиот процес. Мора процесот да заврши до фаза на правосилност на пресудата за потоа да се внесат меѓународни претставници како коментатори, како луѓе што ќе бидат во самиот процес“, рече Заев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, пак, од Владата побара во знак на почит на 8. загинати полицајци да им изгради споменик во центарот на Куманово и истовремено да обезбеди неопходната грижа и поддршка за семејствата на загинатите припадници на полицијата.

Дека поголемиот број прашања и натаму се без одговор тврди и претседателот на невладината организација „Цивил“, Џабир Дерала. За „Независен весник“ Дерала рече дека за жал поради сѐ уште нереформираниот судски систем, истите прашања и натаму ќе останат без конкретен одговор, но посочи дека граѓаните со нивната мудрост и зрелост се најзаслужни што војната во Куманово не траеше повеќе од два дена и немаше уште потрагични последици.

„Три години по Диво Насеље, во Куманово сѐ уште има многу повеќе прашања отколку одговори. Тоа не се однесува само за Куманово, туку за цела Македонија. Ние имавме една многу сериозна драма, со трагични завршетоци, во која имавме криминално-терористичка групација на едната страна и на другата страна имавме полициски сили на кои не им беше кажано зошто одат таму, барем на првите што пристигнаа на терен. Што значи дека од другата страна сме имале структура на власт која имала сериозни криминални мотиви. Можеби дури и го организирала ова, ако веќе сме сосема отворени кон оваа тема. Во услови на едно крајно корумпирано и сѐ уште нереформирано судство не верувам дека ќе добиеме вистинска правна завршница, таква каква што би требало да има. Ние како организација сме постојано присутни на терен и ги бараме одговорите, дел од одговорите ги имаат самите граѓани кои во тоа време покажаа зрелост и мудрост каква што не можеа да покажат политичарите и институциите. Тие ја сопреа војната бидејќи очигледно беше дека овој сериозен безбедносен предизвик се однесуваше на меѓуетничките и меѓуверските односи во Македонија, тие да бидат урнати и да започне серија насилни инциденти, односно да започне спирала на насилство“, рече Дерала.

Главното прашање што остана без одговор е – како 40-ина вооружени лица успеале, без да бидат забележани, да бараат и на крај да се сместат во центарот на Куманово? Дали тајната полиција го организирала целиот крвав настан заради дефокусирање на јавноста од таканаречените „бомби“ кои во тоа време ги објавуваше опозицијата на чело со СДСМ и Зоран Заев?
За „Независен весник“ политичкиот аналитичар и новинар од Куманово, Џенис Сулимани, изјави дека вистинските организатори се на слобода и дека сепак институциите го кажаа последниот збор за овој случај.

„Случајот ‘Дива Населба’ доби судски епилог, но според мене и натаму тој е замаглен, нешто веќе познато за правниот систем во Македонија. Го нарекувам со облаци и мистериозен, поради фактот што овој комплициран случај секако дека имал свои организатори, а тие не се во затвор. Еден таков настан без помош од страна на власта никогаш не ќе се случеше. Како е можно 40 вооружени лица да се инсталираат во центарот на градот? За време на рочиштата обвинетите лица спомнаа имиња на политичари и лица од службата за безбедност, а никој од нив не беше повикан од судот да сведочи. Ова уште повеќе нѐ уверува дека целата ситуација беше кореографија организирана од минатиот режим и дека вистинските организатори никогаш не го кажале својот збор. Мислам дека откако се прочита обвинението, овој случај практично и заврши. Со време ќе излезе вистината, но шпекулациите во меѓувреме повторно ќе земат замав: некој зел пари, некој го направил тоа за идеал, некој некого изневерил и слични работи. Но институционално играта е завршена“, процени Сулимани.

Во крвавиот период меѓу 9 и 10 мај во 2015 година во Диво Насеље убиени се 18 лица, 10 од вооружената група, од кои поголем дел беа поранешни војници на ОВК и 8 македонски полицајци. Додека траеше акцијата, македонската полиција уапси 37 лица, повеќето државјани на соседно Косово кои беа обвинети и осудени за делото тероризам.

Блерим Исмаили