Трамвајот ќе минува пред Собрание, „Рекорд“ пешачка зона


Трамвајот ќе минува низ строгиот центар на Скопје, а улицата „Димитрие Чуповски“ кај „Рекорд“ ќе биде затворена за возила. Првата линија ќе почнува во Ѓорче Петров, ќе се движи по „Партизанска“, ќе врти на булеварот „Климент Охридски“ и ќе излегува во централното градско подрачје. Покрај Собранието, Црвениот крст и „Веро центарот“ ќе се движи кон Аеродром и ќе завршува во Ново Лисиче, каде што е треба да се гради и депо.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, вели дека во моментов единствената дилема околу трасата на трамвајот е дали тој да се движи по средината на булеварите или, пак, по крајните десни линии. Проектот направен од експертите на „Загрепски електричен трамвај“ (ЗЕТ) ги предвидува и двете варијанти, а која ќе биде избрана ќе се знае до крајот на јануари. Опцијата трамвајот од зградата на Народната банка кон центарот да продолжи по кејот на Вардар е отфрлена, со образложение дека на влезот на плоштадот „Македонија“, кај зградата на „Телеком“, нема доволно место за изградба на пругата.

„Проектната документација ќе се заокружи во текот на идната година, а изградбата ќе започне истовремено од двете почетни позиции во Ново Лисиче и во Ѓорче Петров. Со оглед на тоа дека технологиите се многу напредни, сите производители нудат возила кои можат до два километри да се движат без електрична мрежа. Тоа за нас ќе значи сериозна заштеда во изградба на мрежата, но ќе значи и дека низ центарот на Скопје нема да висат кабли“, вели Шилегов.

Изградбата на една трамвајска линија, заедно со депото, според првичните проценки би чинела меѓу 130 и 150 милиони евра. Обезбедувањето на финансиите ќе се бара преку европските фондови или од државниот буџет.

Решавањето на јавниот превоз на патници со една трамвајска линија, за која градоначалникот вели дека ќе ги замени 40 отсто од автобуските линии на овој потег, градските власти идната година ќе го работат паралелно со проектирање на северен сообраќаен прстен. Еден од најважните булевари кои треба да се почнат да се градат е „Хрватска“, кој од населбата Автокоманда, кај клучката „Дијамант“, ќе треба да ја заобиколува населбата Железара и да се спои со булеварот „Босна и Херцеговина“, кој во моментов се проширува. Тој е поврзан со булеварот „Словенија“, и ќе претставува брза врска на источниот и западниот крај на Скопје. Тоа, според Шилегов, ќе треба да обезбеди услови граѓаните и возачите да не го почувствуваат затворањето на центарот за возила.

Сања Наумовска