Средба Џафери – Јенча: Посветеност на Собранието за активностите од Планот 3-6-9


Претседателот на Собранието на РМ Талат Џафери, денеска оствари средба со Мирослав Јенча, помошник на генералниот секретар на Обединетите нации за политички прашања. На средбата присуствуваше и амбасадорката Луиза Винтон, резидентен координатор на ОН и резидентен претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Џафери истакна дека РМ како членка на ОН од 1993 година, активно придонесува во сите нејзини агенции и програми. Земјата останува посветена на заложбите за почитување на обврските кои произлегуваат од членството во доменот на човековите права, непролиферацијата на оружје, борбата против тероризмот, климатските промени и имплементацијата на милениумските развојни цели, но и за поддршка на мировните мисии на Организацијата во Либан – UNIFIL.

Тој ги информираше присутните дека Собранието на Македонија на 22 декември 2017 година ја ратификуваше Истанбулската конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и домашно насилство, со што се овозможува имплементирање на обврските од Конвенцијата во практика.

Во однос на евроинтеграциските процеси, претседателот Џафери ја нагласи посветеноста на Владата и Собранието за спроведување на предвидените реформи, особено активностите од Планот 3-6-9 кои веќе го бележат своето заокружување, чекорите преземени во однос на подобрување на добрососедските односи преку потпишување и ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и мерките за градење доверба и изнаоѓањето заемно прифатливо решение за спорот со Грција.

По преземените чекори, неспорно е очекувањето за добивање позитивен извештај со безусловна препорака за почеток на преговори за членство во ЕУ и констатирање на членството на земјата во НАТО оваа година.

Јенча му честиташе на Џафери за лидерството во смирувањето на ситуацијата во Собранието и за спроведувањето на неопходните реформи за кои ОН ја покажуваат својата солидарност и ги поддржуваат напорите за европска иднина на сите граѓани на земјата.

Притоа, тој го потенцираше фактот дека амбасадорката Винтон и нејзиниот тим во земјата се на располагање за помош при спроведувањето на овие реформи.

Јенча се заблагодари за учеството на Македонија во мировните мисии, кое иако мало по бројност, ја демонстрира решеноста на земјата за поддршка на активностите на ОН.

Во однос на прашањето за името, тој констатираше дека ова е вистинскиот моментум и ОН и нејзиниот генерален секретар ќе ги поддржат сите напори за двете страни да направат исчекор напред и да се изнајде решение кое ќе има придонес не само во билатералните односи меѓу двете земји, туку и пошироко за стабилноста на регионот. На крајот, тој го потенцираше значењето за градење консензус во државата околу стратешките цели, како што е членството во НАТО и ЕУ.