СП 2018: Селекторот на Шведска: Задоволен сум од тактичката дисциплина на моите играчи


Селекторот на Шведска, Јане Андерсон не ја криеше радоста од победата против тимот на Швајцарија во осминафиналето на СП во Русија.
Скандинавците победија со 1: 0 и се пласираа во следната фаза на турнирот, каде ќе се сретнат со победникот од дуелот помеѓу Англија и Колумбија.
– Бевме трпеливи и го постигнавме своето. Јас сум исклучително задоволен од тактичката дисциплина на моите играчи. Беа прецизни до милиметар при одбраната врз противникот. Имавме среќа при голот, но игравме подобро. Одиме во четвртфинале и немаме претензии против кого ќе играме, прокоментира селекторот на Шведска.
Стрелецот на единствениот гол, Емил Форсберг изрази задоволство од вербата која селекторот ја имал во него.
– Исклучително среќен сум не затоа што дадов гол, туку затоа што одиме во четвртфинале. Неверојатно е. Во претходните три натпревари моите удари не носеа особена закана, но тренерот ми рече дека треба да продолжам да се обидувам. Неговата верба се исплатеше точно денес, прокоментира Форсберг по мечот.