Собраниските служби ги архивирале сите амандмани на ВМРО-ДПМНЕ


Сите поднесени амандмани за Законот за употреба на јазиците се уредно примени во собраниската архива, информираат од парламентот, демантирајќи ги наводите на ВМРО-ДПМНЕ, како и пишувањата на одредени медиуми дека дел од амандманите се наводно фрлени.

Во соопштението на Собранието се наведува дека поголемиот дел од поднесените амндмани се архивирани, обработени и ставени на е-парламент.

– Со оглед на големиот број на поднесени амандмани службата на Собранието уредно постапува во рамките на своите задолженија и во текот на денешниот ден, сѐ до целосно завршување на процесот. По спроведена интерна проверка, утврдено е дека сите оригинали од амандманите уредно се архивирани и се наоѓаат во собраниската архива. Амандманите прикажани во јавноста се копии од амандмани кои се уредно внесени во процедура и се веќе објавени на е-парламент, со што се достапни на сите 120 пратеници и на јавноста, се вели во соопштението.

Од Собранието информираат дека се е отворено за увид во врска со ова прашање.

– Според утврдената фактичка состојба, наводите на ВМРО-ДПМНЕ се обид за груба манипулација со јавноста и дискредитација на службата на Собранието, стои во соопштението од парламентот.