Собранието ја заврши расправата за нов јавен обвинител, ќе гласа на 22 декември


Собранието на Република Македонија денеска ја заврши расправата по владиниот предлог Љубомир Јовески да биде нов државен јавен обвинител, а гласањето претседателот на законодавниот дом Талат Џафери го закажа за 22-ри овој месец, пред одржување на седницата за буџетот за 2018 годиона.

Во денешната дебата по предлогот Јовески да биде избран за нов државен јавен обвинител, не присуствуваа пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, за што жалење изразија пратениците од владејачкото мнозинсство посочувајќи дека за ова прашање е потребна дебата. Од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ на седницата присуствуваше само Амди Бајрам од Сојузот на Ромите.

Владата на 7 ноември му предложи на Собранието за јавен обвинител на Република Македонија да биде именуван Љубомир Јовески, член на Советот на јавни обвинители.

На огласот што го распиша Владата на 14 септември, за државен јавен обвинител се пријавија 23-ца кандидати. По пријавувањето на кандидатите, Советот на јавните обвинители, на барање на Владата, и достави образложено мислење во писмена форма за сите пријавени кандидати на огласот што ги исполнуваат условите. Мислењето на Советот е обврзувачко за Владата, која пак предложените кандидати ги доставува до Собранието.

Шеесет и тригодишниот Јовески во своето досегашно работење постапувал во кривичната област. Повеќе од 15 години работел како судија по кривични предмети, а во еден мандат раководел со Основниот суд Скопје 2, а има и работно искуство од над 12 години како јавен обвинител и седум години во областа на извршување на кривичните санкции.

За именување на јавен обвинител Собранието на РМ одлучува со просто мнозинство од 61 глас. Јавниот обвинител има мандат од шест години со право на повторно именување.

Досега оваа функција ја извршуваше Лилјана Спасевска, откако Марко Зврлевски беше разрешен на 17 август годинава.