Собранието изгубено во преводот


Преведувачите во парламентот успеале до вчера претпладне да преведат на албански јазик околу 17 илјади амандмани на законот за употреба на јазиците. Тоа е близу половина од вкупниот број интервенции (над 35 илјади) што ги поднесе пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ – во обид да оневозможи повторно донесување на овој закон откако претседателот Ѓорге Иванов стави вето прогласувајќи го за неуставен.
Со оглед на тоа што амандманите почнаа да се преведуваат во текот на викендот, ако преведувачите продолжат со исто темпо – овој дел од постапката би требало да заврши кон крајот на оваа работна недела, иако спикерот Талат Џафери вчера не прецизираше кога точно би се случило тоа. Во меѓувреме, пратениците ја прескокнаа расправата за оваа точка на дневниот ред на тековната седница и вчера расправаа и гласаа за дел од законите што следуваат по неа.
Според Џафери, Законот за употреба на јазиците треба да се врати на повторно разгледување во парламентот во рок од 30 дена откако беше донесен првично, што би значело најдоцна до 11 февруари. Претседателот на парламентот смета дека рекордниот број амандмани поднесени досега на закон во парламентот се, всушност, политичка одлука на опозицијата да ја блокира работата на законодавниот дом, пред сѐ законот кој е дел од коалицискиот договор меѓу СДСМ и ДУИ. Џафери оцени дека овој потег не може да се споредува со случајот од пред шест години, кога ДУИ поднесе 15 илјади амандмани на Законот за бранители. Тогаш, рече Џафери, расправата се водеше во Комисијата за труд и социјална политика, а овој пат се опструира собранискиот пленум. Спикерот соопшти дека во образложението на сите амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ наведена е констатацијата дека нормата е спротивна на Уставот.
Проценките во парламентот се дека за завршување на амандманската расправа за овој закон ќе бидат потребни од најмалку два и пол до шест месеци. Во однос на бројноста на амандманите, Џафери посочи дека за закон од околу четири илјади збора, напишан на осум страници, се поднесени 35.569 амандмани.
Дури 33.844 амандмани се однесуваат на членот 22, во кој се регулирани казните за непочитување на Законот за јазиците. Во овој член е предвидена глоба во износ од четири илјади до пет илјади евра во денарска противвредност за прекршок на институциите за непочитување на одредбите од овој закон. Глоба во износ од 30 проценти од одмерената казна, пак, ќе му се изрече на службеното и одговорното лице. Претседателот Иванов за членот 22 има забелешки дека не е во согласност со членот осум од Уставот, според кој владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на земјата, што подразбира само јасни, прецизни и недвосмислени норми.
Според проценките, близу 34 илјади амандмани на ВМРО-ДПМНЕ што се однесуваат на членот 22 предвидуваат различни суми на казните, почнувајќи од едно евро до неколку илјади евра. Исто така, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ поднеле 318 амандмани на членот пет од законот, кој се однесува на употребата на албанскиот јазик во Владата, додека 222 интервенции се за членот девет, со кој е регулирана употребата на јазиците во судските, управните, извршните постапки.
Џафери истакна дека Законодавно-правната комисија, во редовна процедура, ја оценувала уставноста на законот, додека Уставниот суд евентуално ќе може да даде оценка за него откако ќе биде донесен во трето читање.
„Собранието сега нема надлежност да ја оценува уставноста на законот. Тоа не е предлог-закон, туку Закон. Ова со амандманите е на штета на ВМРО-ДПМНЕ и на штета на државата. Јас ќе терам, ако сакаат и амандман по амандман да се разгледува. Тоа е моја одлука. Нивното е прашање на инает. Ако водат инает до крај, и јас ќе одам до крај. Подготвен сум шест месеци да седам и да работам, а тие ако имаат политичко чувство ќе се премислат“, рече Џафери. Сепак, тој рече дека е во постојана комуникација со пратеничките групи, вклучително и со ВМРО-ДПМНЕ за ова прашање.

Можно ли е да се прескокне амандманската расправа?

Претседателот на парламентот Талат Џафери, меѓу редови, остави и можност воопшто да не се разгледуваат амандманите, со оглед на тоа што со нив се оспорува уставноста на неговите членови. Поточно, тој не даде конкретен одговор на прашање дали ќе се разгледуваат амандманите. Затоа, пак, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски тврди дека е невозможно да бидат прескокнати амандманите што неговата пратеничка група ги поднесе во однос на забелешките што ги посочи и шефот на државата,
„Согласно со Деловникот на Собранието, не може да се избегне разгледување на поднесените амандмани на законот за јазиците, во трето читање. Ако тоа сепак се случи, тоа би значело целосно погазување на Уставот и на уставниот поредок“, изјави Димовски.
Тоа, според Димовски, ќе е конечно погазување на Собранието.
„Мојот апел до Џафери е да размисли дека токму тој ја има улогата да обезбеди функционирање на Собранието и низ демократски и правно издржана процедура да бидат вклучени ставовите на различни сегменти од македонското општествено и политичко милје“, рече Димовски.
Тој не одговори конкретно дали постои простор за политички договор, иако Џафери остави простор за тоа. Според Димовски, поднесувањето на 35.569 амандмани е со цел да се разбуди свеста кај парламентарното мнозинството и Владата дека за вакви прашања треба да биде постигнат општествен, а не само политички консензус.

Александра М. Митевска