Собраниската комисија ќе расправа за имунитетот на шестмина пратеници


Комисијата за деловничко и мандатно имунитетни прашања се очекува денеска да расправа за барањето на Кривичниот суд за одземање на имунитетот за шестмина пратеници, кои обвинителството ги товари за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата, а во врска со насилствата во Собранието на 27 април годинава.

Барањата од судот вчера се пристигнати во Собранието, но се чекаше на претседателот на Парламентот Талат Џафери да се врати од патувањето во Шведска. Според собранискиот деловник, Џафери треба да проследи барањата до претседателот на Комисијата за деловничко и мандатно имунитетни прашања Павле Богоевски, кој треба да закаже седница на која треба да се одлучува по нив. Богоевски вчера најави дека седница ќе закаже веднаш штом го добие известувањето од претседателот на Парламент.

Неколкумина пратеници се меѓу 36 лица кои Основното јавно обвинителство ги гони за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста”, во врска со настаните од 27 април годинава во Собранието на Република Македонија.