Скопје ќе добие автобуси на гас


Скопје ќе добие 40 нови автобуси на гас. Тоа според градските власти е најоптималното решение за јавниот транспорт во главниот град. Тие ќе треба во следните неколку години да ги заменат автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие кои користат дизел како гориво, што во Скопје се докажа дека е сериозен извор на загадување, особено во зимскиот период.

Автобусите на гас, според пробните возења спроведени во изминатите неколку месеци, трошат двојно помалку од актуелните кинески и украински возила. Најголемата предност е што за 90 отсто се пониски и емисиите на ЦО2 и создавањето на штетни ПМ 10 честички во воздухот. Повеќето ќе бидат дупли зглобни автобуси, а ќе има и единечни. Во трансформацијата на јавниот превоз ќе бидат вклучени и приватните превозници. За нив се предвидени субвенции за да набават нови еколошки автобуси или, пак, постоечките да ги адаптираат да користат гас како гориво.

Според градоначалникот Петре Шилегов, за набавката ќе се бара кредит од Европската банка за обнова и развој од 10 милиони евра, а изборот на производителот треба да биде завршен до крајот на годинава.

„Скопје почнува да го трансформира јавниот транспорт. Од идната година по скопските улици ќе се возат нови автобуси на еколошко гориво. ЈСП – Скопје донесе одлука да се задолжи, условите се поволни, каматна стапка е еден отсто, со три години грејс-период и седум години за отплата, а ќе биде обезбедена и државна гаранција. Бидејќи е утврден начинот на финансирање за планираните нови автобуси, динамиката на целиот проект предвидува наесен да се распише тендерот, а до крајот на годинава да се потпише договорот со фирмата што ќе ги испорача автобусите“, информира Шилегов.

Автобусите ќе бидат нископодни, две третини од нив ќе бидат зглобни, со капацитет од 150 патници, а една третина единечни. Потрошувачката на автобусите е двојно помала од дизел-автобусите, а цената на гасот и пониска од другите горива. На овој начин, информира Шилегов, ЈСП – Скопје ќе штеди меѓу 700.000 и 900.000 евра годишно.

„Низ Скопје пробно сообраќаа неколку еко автобуси од различни производители, три на гас и еден електричен.

Целта беше да стекнеме искуства и да го одбереме најдоброто решение за Скопје. Според пресметките, дневната заштеда, ако се користи гас како гориво, само од еден автобус е од 55 до 60 евра“, додаде Шилегов.

Градските власти пред седум години набавија 202 кинески двокатни автобуси и 80 единечни од Украина. Добар дел од нив веќе се расипани и надвор од сообраќај, од причина што за нив тешко се наоѓаат делови. Градските власти велат дека за кинеските автобуси нема овластен застапник кој би обезбедил сервис и техничка поддршка.

Сања Наумовска