Скопје го нема саемот, но сè уште го има „Таксират“


Фестивалот „Таксират“ заокружи две децении истрајност и континуитет во промовирање на домашна и странска музика од различни жанрови за сечии вкусови. Во духот на разноликоста помина и главната вечер што се одржа завчера во арената „Борис Трајковски“. Набиената музичка агенда распоредена на три бини претстави 13 музички артисти, докажани во својата сфера. Според податоците на организаторите од „Пасворд продукција“, само на последните неколку настани од ПИН-конференцијата па се до главната фестивалска вечер присуствувале над 20 илјади посетители.

Јубилејното издание на „Таксират“ се прославува цела година со повеќе активности и концерти, но и главната вечер се издвојуваше по неколку работи од претходните изданија.

Првпат годинава „Таксират“ ја замени традиционалната локација Скопски саем со арената „Борис Трајковски“. Причината е повеќе од позната, саем повеќе немаме. Токму поради карактерот на „Таксират“, арената беше целосно трансформирана и приспособена за потребите на фестивалот.

„Бевме приморани да ја промениме локацијата Скопски саем, која 19 години е препознатлива за ‘Таксират’. Со исклучок на првото издание, кое се одржа во МКЦ. Скопје нема саем, но сè уште го има Таксират. Минатата година за деветнаесетката немавме финална вечер од истите причини. Арената „Борис Трајковски“ се приспособува за да ги прими сите поголеми музички концерти, но нас ниту тоа не ни беше доволно, па влеговме во поголем предизвик, да го приспособиме просторот во духот на ‘Таксират’, со повеќе фестивалски бини, со различни изведувачи, циркулација на различни фанови на различна музика, а сите да бидат сплотени во еден простор. Се надеваме дека успеавме да го постигнеме зацртаното“, вели Катерина Евго, задолжена за односи со јавноста на „Пасворд продукција“.

Да се издржи како фестивал во македонски услови дури 20 години е навистина голем предизвик, но „Таксират“ веќе ја раситнува и третата деценија.
Дополнителен предизвик за организаторите, како што вели Катерина, е прославувањето на дваесетката преку целата година.

„Во знакот на ‘Таскират 20’, годинава успеавме да организираме 70 концерти и музички настапи. Од февруари, почнувајќи со „Крафтверк“, па завршувајќи до главната вечер“, додава Катерина.

На „Таксират“ забележителна е и посетеноста на странски гости во публиката. Катерина вели дека низ годините, фестивалот има некоја константна посетеност особено соседните земји.

„Да напоменам дека од посетеноста на сите настани досега сме презадоволни, особено што поголем дел беа целосно распродадени. А, во однос на публиката која доаѓа од соседните земји, мислам дека се должи на тоа дека ваков тип настани кај нив се поинаку етаблирани, па затоа имаме во континуитет добра посетеност однадвор“, додава Евго.

Вечерта на главната сцена ја стартуваа „Културно уметнички работници“, и тоа неслучајно, бидејќи токму тие пред 19 години го отворија и првото издание на „Таксират“. По нив, презедоа членовите домашниот метал-кор бенд „Смат“, кои направија светски концерт, еден од нивните најдобрите настапи досега.

Ирците од алт-метал бендот „Терапи“, пак, направија своевидно евоцирање на спомени на повозрасната публика, но дефинитивно „заработија“ и нови млади фанови.

На јубилејниот „Таксират“ премиерно гостување имаа и инди-рокерите од Шведска, „Мандо диао“, чии песни публиката ги пееше наизуст. По еуфоричните и енергични концерти, на главната бина се појавија членовите на „Нувел ваг“, кои за момент направија комплетно боса-нова атмосфера во салата.

Добро познатите членови на „Дубиоза колектив“ се сè подобри во своите настапи и очигледна е почитта меѓу македонската публика и нив. Комуникацијата на овој состав со фановите оди толку лесно што нераскинлива е пријателската врска. Финишот на овој стејџ до раните утрински часови го имаше „Пендулум“.

На секундарната бина публиката имаше можност да ги види членовите на „САФ саунд систем“, кои очекувано ја придобија младата бунтовна публика. Двете легендарни имиња од македонската хип-хоп сцена Диџеј Гоце и Пикисипи ја исполнија салата до последно место. Позитивната атмосфера продолжи и со Разел, но и со четиричасовниот настап на „Трап да фак ап“.

На третата најтивка, но најразиграна бина за атмосферата се погрижија „Скопски грув“, „Oubli“ и диџеј Шурбе.

Жолти елеци и на „Таксират“
Фестивалот „Таксират“ важи и за своевидно бунтовничко движење, искажување незадоволство преку музика. Интересно е што завчера се појавија и „жолти елеци“ во знак на поддршка на граѓанската револуција која во моментов се случува во Франција. Според нашите информации, брендираниот жолт елек е испратен како подарок од еден светски познат музичар и долгогодишен пријател на „Таксират“ кој е со потекло од Франција.
Пред завршувањето на фестивалската вечер во жолт елек на бината се појави и основачот на „Таксират“, Логин Кочишки, кој порача дека фестивалот издржал неколку промени на влади, многу смени на директори и министри и ќе продолжи да постои.
Поголем технички влог, за добар звук
Познато е дека арената „Борис Трајковски“ е „неблагодарна“ кон музички настани и концерти од аспект на акустичноста. Иако тоа не беше проблем на фестивалската вечер на „Таксират“, сепак е предизвик со кој постојано се соочуваат организаторите на концерти. Според Катерина Евго, доколку се вложи повеќе во тој дел, има простор да се реши недостатокот. Како организација тие веќе имаа одлични концерти во минатото каде што звукот не беше проблем, а како пример го паметиме настапот на Жан Мишел Жар.
„Добро би било да го немаме како дополнителен предизвик тоа. Но не значи дека не може да се адаптира и дека не може да се долови добар звук. Но реалноста е дека за тоа е потребна многу поголема продукциска организираност и поголем технички влог. Сите овие настани ни покажуваат дека тоа може да се изведе“, вели таа.

Ивана Настеска
Фото: Пасворд продукција