Скопјани му се враќаат на парното


Речиси 10.000 семејства се приклучиле на мрежата на парно греење во последните пет години. Од нив, над 4.000 се нови објекти, а околу 5.500 се потрошувачи што биле исклучени, но решиле повторно да се вратат во системот. Трендот на исклучување што се појави пред десетина години полека се надминува, велат во снабдувачот „Балкан енерџи“.

Најголем број семејства што повторно се приклучуваат има во Општина Аеродром, во населбите Аеродром и Ново Лисиче, но позитивниот тренд е присутен и во другите општини. Аеродром изминатите години се соочуваше и со најголемото загадување на воздухот, особено во зимските месеци, што во најголем дел е резултат и на затоплувањето со фосилни горива, најчесто дрва.

Во БЕГ сметаат дека трендот на повторно вклучување кон системот за централно греење е како резултат на високиот комфор што го нуди овој тип затоплување, но и поволните цени во последните години. Според нивните информации, во моментов топлина од БЕГ земаат речиси 63.000 семејства во Скопје. Состојбата е малку поинаква во снабдувачот „Скопје Север“, чија мрежа не е поврзана со таа на останатите три топлани во градот. „Скопје Север“ има помалку од 300 корисници, повисоки цени и постојан тренд на исклучување.

„Корисниците имаат обезбеден комфор и загреани домови согласно стандардите, односно температури во домовите не пониски од 20+1 Целзиусов степен. Доколку надворешните температури се пониски, во текот на регулираниот период се испорачува поголемо количество топлинска енергија, информираат од „Блкан енерџи“.

Од БЕГ информираат дека иако е намален бројот на дефекти со кои почнала грејнава сезона, сепак 125 згради во повеќе делови од Скопје сè уште немаат греење.

„Причината за ваквиот статус на овие објекти е ненавремено санирање на дефектите на внатрешна инсталација од страна на потрошувачите, ненамирени трошоци за електрична енергија за топлинската станица или проблеми со снабдувањето со електрична енергија на топлинската станица, како и оневозможен пристап за нашите екипи во топлинската станица со цел истата да се стави во работна положба, односно да се изврши проверка, отворат вентили и да се вклучат пумпи. Испораката на топлинска енергија може инцидентно да биде прекината и поради одреден проблем или дефект во топлинската станица, а во тој случај екипите на компанијата реагираат во најбрз рок во насока на нормализирање на испораката“, велат во компанијата.

Ниту годинава нема да има промена на временскиот период на затоплување, од пет наутро до 22 часот навечер. За дополнително затоплување во вечерните часови, велат во БЕГ, немаат поддршка од законските и подзаконските прописи.

„При испораката на топлинска енергија се обезбедува оптимална потрошувачка на топлинска енергија со минимални трошоци за греење на корисниците. Во овој регулиран период, согласно законските и подзаконските акти, ‘Балкан енерџи’ е обврзан да испорачува топлинска енергија во строго утврдениот рок и согласно правилата“, информираат од БЕГ.

Ќе плаќаат ли паушал исклучените корисници?

Здружението за заштита на граѓанските права „Но пасаран“ побара Регулаторната комисија за енергетика да ги донесе правилата за снабдување со топлинска енергија до крајот на годинава или ќе се соочи со блокада. Здружението на граѓани што се исклучени од системот бараат РКЕ да не го одолговлекува процесот и да ги донесе подзаконските акти со кои ќе овозможи исклучените од парно да не плаќаат за услуга што не ја користат.

„Регулаторна се повикува на рок од девет месеци во кои треба да ги донесе правилата. Со намерното кочење на донесувањето на овој правилник, се работи во прилог на БЕГ, а на штета на граѓаните на кои Владата им вети дека до октомври или најдоцна до крајот на годината ќе биде донесено решението со кое тие што не користат парно да не плаќаат“, вели Маријан Ненов од Здружението „Но пасаран“.

Директорот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, најави дека работната група која ќе работи на правилникот ќе стартува со работа од идниот месец. Во неа ќе бидат вклучени претставници на „Но пасаран“, на организации на потрошувачи од дистрибутерите на топлинска енергија и експерти.

Сања Наумовска