СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во тајна мисија за дијалог


Двете најголеми партии – владејачкиот СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ наголемо формираат работни групи кои треба да воспостават дијалог и да ги усогласат ставовите околу носењето повеќе закони за кои е потребен консензус или двотретинско мнозинство. Некои од групите, наводно, веќе и одржале првични средби.
Ова го потврдуваат извори од двете партии, иако официјално не можат да се добијат повеќе информации околу составот на групите кои прашања точно ќе се разгледуваат и каде ќе се водат преговорите. „Независен весник“ побара вчера потврда за ова и од двете партии. Иако ни беа најавени одговори, потоа и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се повлекоа. Наводно, двете ривалски партии постигнале договор да не се изнесуваат во јавност детали околу разговорите.
Од она што може да се дознае, дел од законите што се на маса се однесуваат на реформите за правосудството, а во игра се и нови измени во Изборниот законик.
Неофицијалните информации говорат дека околу составот на работните групи во понеделникот вечерта се координирало раководството на СДСМ, иако претходно беше најавено дека координацијата ќе биде за блокадата на парламентот што ја предизвика ВМРО-ДПМНЕ со поднесувањето на над 35 илјади амандмани. Но Законот за јазиците, според информациите, не е дел од пакетот закони за кои треба да разговараат претставници на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ.
Најавите дека функционери на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ седнуваат на заедничка маса доаѓаат во време кога најголемата опозициска партија го бојкотира парламентот и тоа подолго од два месеца, веднаш по приведувањата што се случија за настаните на 27 април минатата година. Иако премиерот Зоран Заев во повеќе наврати ја повикуваше ВМРО-ДПМНЕ да се вклучи во процесот на имплементација на реформските закони од планот 3-6-9, опозицијата остана на „улица“. Сепак, во овој период ВМРО-ДПМНЕ се враќаше трипати досега еднократно во Собранието – првиот пат за годишното обраќање на претседателот Ѓорге Иванов, потоа за говорот на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, а неодамна и при утврдувањето на дневниот ред на 32. седница, каде што е поместен Законот за јазиците, откако шефот на државата не го потпиша Указот за негово стапување во сила. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се подготвени да присуствуваат и на седницата на која спикерот Талат Џафери ќе го стави во агендата предлогот на пратеникот Антонио Милошоски за распишување оглас за избор на нови членови на ДИК. Поради тоа што роковите за комплетирање на ДИК се многу пробиени, од опозициската партија велат неофицијално дека Комисијата треба да се формира што поскоро, а паралелно да тече процесот на усогласување на измените во изборното законодавство. Доколку има договор за промени во концептот на ДИК, според нашите соговорници, тоа би можело да се реши со преодни и завршни одредби во Изборниот законик.
Нова изборна реформа најави завчера и премиерот Зоран Заев, на средба со
Зутер Техада, амбасадорка на Швајцарија во Македонија.
„Владата е определена за изборни реформи што ќе бидат прифатени од сите политички субјекти во државата. Силно сме посветени на обезбедување независност и капацитет на ДИК, како и на спроведување на сите други потребни реформи за квалитетен изборен процес“, рекол премиерот Заев.
Неофицијално, не се исклучува ниту можност во обидите за воспоставување политички дијалог, по смената на кормилото на ВМРО-ДПМНЕ, да се вклучат и странски олеснувачи. Од друга страна, неодамна беше одложен почетокот на процесот „Жан Моне“, кој го иницираше Европскиот парламент, а чија прва сесија требаше да се одржи во Париз во последната недела на јануари, за претставници на партиите во парламентот да разговараат за собраниските процедури и етичкиот кодекс. Образложението тогаш беше дека една партија (се претпоставува дека е ВМРО-ДПМНЕ) соопштила дека моментно не е во можност да учествува во дијалогот, така што сега како следен можен термин за тоа се најавува почетокот на март.

Ќе се менуваат ли изборниот модел и концептот на ДИК?

Потврда за тоа дека двете најголеми партии разговараат за можни измени во изборното законодавство дојде по иницијативата на Милошоски за распишување конкурс за избор на нов состав на ДИК. Координаторот на СДСМ, Томислав Тунтев, посочи тогаш дека од ВМРО-ДПМНЕ се произнеле пред извесно време дека бараат разговори на ниво на работни групи за одредени законски измени во врска со изборот на ДИК. Одредени информации што доаѓаат од опозициската партија се во насока на тоа дека ВМРО-ДПМНЕ се залага за враќање на стариот концепт на Комисијата, во која беа ангажирани исклучиво партиски претставници, а не и експерти.
Тунтев изјави исто така дека СДСМ стои сѐ уште на ставот дека треба да се отвори дебата за измени во изборниот модел, вклучувајќи го и прашањето за избор на ДИК.
Пред последните парламентарни избори во 2016 година, СДСМ отворено побара промена на изборниот модел, односно да остане сегашниот пропорционален систем на гласање, но државата да биде една изборна единица, наместо сегашните шест изборни региони. Наспроти тоа, ВМРО-ДПМНЕ со години наназад се залага за враќање на мнозинскиот модел, додека дел од помалите партии бараат пропорционален модел со отворени листи.
Партиски извори не исклучуваат можност да се отвори повторно и прашањето за прагот за избор на пратеници од дијаспората, по решението што беше предвидено за изборите во 2016 година, кога не беше избран ниту еден пратеник надвор од Македонија. Останува, наводно, отворено и прашањето за техниката на гласање, односно дали тоа да биде со отпечаток од прст или со невидлив спреј, како и тоа дали изборите ќе ги спроведува актуелната или техничка влада, што беше предвидено како преодно решение во екот на политичката криза.
Изборниот законик последен пат претрпе темелни промени за време на преговорите во Пржино, кога со месеци се договараа и презакажуваа и предвремените парламентарни избори за излез од кризата и се прочистуваше избирачкиот список. Сепак, според оценките на партиите, и покрај сите новини не се имплементирани сите препораки од извештајот на Рајханд Прибе – во делот на изборната регулатива.

Александра М. Митевска