Само лекарите блиски до власта го собирале кајмакот


Плаќање по успешност на здравствените работници беше воведено пред шест години. Колку лекари досега добиле повисока или пониска плата за 20 отсто, во зависност од тоа што го сработиле, а беше предвидено со мерката, не успеавме да добиеме информација од надлежните институции. Од некои клиники на одговори нè упатија во Министерството за здравство,а  од други директорите ни посочија дека откако се на функција не ја применувале мерката. Според нив, за да се обезбедат податоци ќе им требало подолг период на административните служби. Одговор не добивме ниту од Министерството за здравство. И оттаму за информација нè упатија во јавните здравствени установи бидејќи, како што рекоа, конечната одлука колку отсто од платата ќе добијат лекарите ја носеле директорите на установата каде што и се пресметуваат и исплаќаат платите.

„Плаќањето по успешност не се применува повеќе од две години и системот не функционира исто толку. Конечната одлука колку отсто од платата ќе биде исплатена на лекарите е на јавните здравствени установи, каде што ги пресметуваат и исплаќаат платите. Директорот е тој што конечно ја носи одлуката“, подвлекуваат од Министерството за здравство.

Мерката плаќање по успешност за лекарите ја воведе поранешниот министер за здравство од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров. Во јавноста по нејзината примена од неколку месеци излезе со податоци дека во просек речиси 12 отсто од вкупниот број лекари ќе бидат казнети, а исто толку наградени.

Само петтина од лекарите што добиле пониска плата побарале заштита од самостојниот синдикат на универзитетските клиники, вели претседателот на синдикатот Горан Беговиќ, кој не сакаше да открие на кои клиники работат лекарите што се жалеле за платата, ама истакна дека станува збор за професионалци со долгогодишно искуство.

„Имаше случај со професорка кај која три месеци се чека ред за преглед, а беше казнета како неработник“, рече Беговиќ.

Владата на седница во вторникот, на предлог на Министерството за здравство, донесе одлука до Собранието да биде доставен предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, со кој ќе се укине плаќањето по успешност на здравствените работници.

„ Основната плата и делот за успешност ќе се утврдувааат во согласност со колективниот договор и ќе се создадат услови за обезбедување здравствени работници во јавните здравствени установи преку преземање од приватните здравствени установи“, соопштија од Владата.Од Самостојниот синдикат на Универзитетски клиники го поздравуваат предлогот.

„Бевме против плаќањето по успешност и се уште сме. Дадовме предлог при изготвувањето на новиот Закон за здравствена заштита да се укине плаќањето по успешност за здравствените работници. Сметаме дека при тимска работа не треба да има мерило со кое би се одредило кој е подобар, кој повеќе работи, а кој помалку. Тоа ние го баравме од 2012 година и во ниту еден момент не се откажавме дека сме против“, вели Беговиќ.

Претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Љубиша Каранфиловски, рече дека не располага со број на лекари кои добиле повисока или пониска плата. Важно за лекарите рече е да се укине плаќањето по успешност. Директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, Викторија Јовановска, вели дека повисока плата најчесто добивале лекарите кои биле блиски до директорот, така што плаќањето по успешност само создало раздор помеѓу лекарите.

„На пациентот треба да му се направи квалитетен преглед или операција, а не да се брза. Со плаќањето по успешност важно е лекарот да набие бројка на сработено. На Клиниката има пациентки со високоризична бременост, се прават киретажи. Што ако се погоди пациентка со тројки, како ќе ја прегледа? Сите ќе гледаат да ја дислоцираат на некој друг, оти таа треба да се гледа можеби два часа. Специфична е проблематиката на која работиме, не можат по бројка да не оценуваат, туку тоа треба да се прави по стручност и квалитет. Најчесто дури 80 отсто од наградуваните беа блиски до тогашната Влада“, вели Јовановска.

Моделот за плата по успешност жестоко го критикуваше лекарската фела, уште пред воведувањето и потоа. Забележуваа дека за казните и наградите ќе одлучува човечки фактор. Дел од нив штрајкуваа, а незадоволството ги натера и да излезат да протестираат, укажувајќи дека плаќањето по успешност е направено за нив. Тогашниот министер за здравство Тодоров, пак, сметаше дека мерката ќе биде доволен мотив за успешно здравство.

Инаку, со плаќањето по успешност предвидено беше и оние што ќе добијат плата пониска за 20 отсто во месецот  да не можат да даваат услуги како дополнителна дејност.

Вероника Мароска-Леова