Радев предлага само еден учебник по историја. Историчарите тоа го нарекоа „чекор кон авторитаризам“
Историчари од Софискиот универзитет и Бугарската академија на науките (БАН) предупредуваат дека иницијативата на премиерот Румен Радев за обединување на образованието во хуманитарните науки ги загрозува плурализмот, критичкото размислување и академската слобода. Академската заедница гледа опасни паралели со недемократски режими, како од минатото, така и од сегашноста.
Предлогот на премиерот Румен Радев за воведување единствен, обединет учебник за предмети како што се Историја и цивилизации, Бугарски јазик и литература и Географија и економија, предизвика остра реакција во академската заедница. На прес-конференција, претставници од Софискиот универзитет и Бугарската академија на науките предупредија дека аргументите за „единство“ и стандардизација на знаењето кријат ризик од политичка контрола врз образованието. Според нив, таков модел е карактеристичен за авторитарни и тоталитарни држави, каде што владејачката гарнитура се обидува да наметне едно, монолитно толкување на историјата и општеството, јавуваат бугарските медиуми.
Академик Иван Илчев истакна дека оваа идеја не е нова. Во март 2023 година, Румен Радев – кој тогаш беше претседател – организираше средба во резиденцијата „Бојана“, на која се разговарало за слични намери. Академик Илчев бил поканет да го модерира настанот и уште тогаш изразил цврсто противење. „Изјавив дека воведувањето на еден, задолжителен учебник би било прв чекор кон диктатура“, изјави историчарот. Според него, оваа идеја одразува „прилично примитивно сфаќање за вистинскиот патриотизам“.
Проф. Веселин Јанчев повлече историска паралела со управувањето по државниот удар од 19 мај 1934 година, кога централизацијата на образованието и националистичката индоктринација беа дел од поширок политички проект. Според него, воведувањето на единствен, стандардизиран учебник не може да се разгледува одвоено од намерата да се унифицираат сфаќањата за Бугарија и за светот.
„Целта е учениците да стекнат стандардизиран поглед кон Бугарија и светот, со акцент на националните вредности и национализмот“, истакна Јанчев. Тој предупреди дека една ваква политика би можела да доведе до замена на граѓанското образование со облик на воспитание што ги претвора учениците и наставниците во столбови на режимот.
Д-р Милко Палангурски од Институтот за историски истражувања при Бугарската академија на науките (БАН) упати едни од најострите предупредувања. Според него, опасноста не е само педагошка, туку и политичка: еден единствен, унифициран учебник создава услови за цензура и идеолошка потчинетост.
„Еден единствен учебник подразбира политичка цензура. Ја препишувате историјата онака како што одлучиле оние што се на власт и ја наметнувате како државна идеологија“, изјави Палангурски. Тој исто така предупреди на последиците за наставничката професија: наставниците ризикуваат да бидат сведени на обични спроведувачи на однапред одредена содржина, наместо да дејствуваат како независни професионалци.
На прашањето за разликите меѓу учебниците што се користат во рамките на иста наставна програма, Палангурски објасни дека значителните варијации често лежат во методологијата – конкретно, во начинот на кој историските настани се претставени и анализирани преку документи, текстови, слики и карти. Токму таа разновидност му овозможува на наставникот да го избере пристапот што најдобро им одговара на неговите ученици.
Професорот Светослав Живков од Универзитетот во Софија, еден од иницијаторите на отвореното писмо, изјави дека тоа добило поддршка од над 200 историчари од повеќе од десет универзитети и истражувачки институции. Тој го отфрли тврдењето дека постоењето на различни учебници ги збунува учениците, истакнувајќи дека за секој конкретен час наставникот избира еден учебник, а сите одобрени изданија следат заедничка државна наставна програма и подлежат на евалуација.