Спектакуларен пораст на гласовите за ДУИ на изборите во Брвеница. Тие се двојно зголемени

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ е прв, но поддршката е намалена за 7,59 отсто. СДСМ е четврт, но го зголеми бројот на гласовите за повеќе од 40 отсто во однос на лани


Кандидатот на ДУИ, Аркин Јахиј (во средината)

 

Резултатите од првиот круг од изборите за градоначалник на Брвеница покажуваат сериозни промени во политичките определби на граѓаните во однос на изборите пред една година кога водеше Јовица Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Тогаш излезноста беше 43,8, а сега според податоците на ДИК за излезноста беше повисока – 46,56. Пред една година имаше четворица кандидати во првиот круг, а сега шест.

Во октомври 2025 кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Илиевски, беше прв, но со освоен далеку поголем процент – 46,49 отсто (3.388 гласови), додека втор беше кандидатот на Влен, Хаќим Рамадани со 27,73 отсто (2.021 гласови). Трет беше кандидатот на коалицијата околу ДУИ, Енвер Пајазити од Националната алијанса за интеграција, со 15,74 отсто (1.147 гласови), додека четврта беше Светлана Митревска-Анџелковска од СДСМ со 6,6 отсто (481 гласови).

Кога ќе се споредат со сегашните резултати од првиот највепчатлив е растот на поддршката за ДУИ: таа е речиси двојно зголемена – од 15,7 на 28,4 отсто. Во гласови тоа е: од 1.147 на 2.152.

Втората промена е намалувањето на поддршката за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ – од 46,49 на 38,9 отсто. Во гласови тоа изнесува вака: во октомври 2025 – 3.388, а во октомври 2026 – 2.943 гласови. Тоа е пад за 445 гласови при зголемена излезност. Во проценти тоа се 7,59 отсто гласови помалку.

Третата е сериозното намалување на гласовите за Влен – пред една година имаа 27,73, а на денешниот прв круг 20,2 отсто. Во број на гласови тоа изнесува: во 2025 – 2.021 гласови, а во 2026 – 1.528. Тоа е помалку за 493 гласови.

СДСМ има резултат кој може да биде охрабрување за нив, иако на прв поглед изглада дека е многу мал. Во октомври 2025 кандидатката на СДСМ освои 481 гласови (6,6 отсто) додека во неделата на 18 октомври 2026 за нивниот кандидат гласаа 706 граѓани (9,33 отсто). Тоа е пораст за повеќе од 40 отсто во гласовите. Во октомври 2025 соодносот меѓу резултатот на ВМРО-ДПМНЕ  и СДСМ беше 7 спрема 1, додека на денешните избори е прилично намалена: 4 спрема 1.

Какви ќе бидат поддршките од партиите за двајцата кандидати во вториот круг би требало да се знае наредните денови.